Градоначалникот на Росоман тврди дека кривичната пријава е политички притисок
Станува збор за политички притисок, оцени денеска росоманскиот градоначалник Стојан Николов, откако СВР Велес вчера информираше дека му е поднесена кривична пријава.
– Во однос на поднесената кривична пријава од страна на МВР, ме теретат по два основа и тоа се повикуваат на моја одговорност сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а во врска со усвоена програма за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка планска документација во која што е содржана т.н спорна иницијатива. Се оградувам, нагласувам дека како и досега се запазувале чекорите на постапката и сите потребни фази за да таа иницијатива биде дел од усвоена програма за урбанистички планови за соодветната година, напиша Николов во објава на Фејсбук.
Додава дека согласно Законот за локална самоуправа и статутот на Општина Росоман, општинската администрација е должна да ги изготвува или проследува материјалите за Советот и градоначалникот во зависност од законските ингеренции на самите одделенија.
– Што се однесува до второто обвинување дека без соодветна документација сум извршил реконструкција на улицата „Гоце Делчев” во Росоман, дека без основен проект-фаза градежништво сум дозволил и сум извршил промена на сообраќајниот режим на влез во Росоман , во целост го отфрлам, информираше Николов.
Според него, Општина Росоман располага со целокупната соодветна документација, има изработено основен проект за реконструкција на улица „Гоце Делчев” со вклучена ревизија. Врз основа на основниот проект-фаза градежништво бил изработен основен сообраќаен проект за кој што од страна на Министерството за внатрешни работи била добиена согласност.
– Сметам дека Министерството што ја поднесува кривичната пријава и покрај доставената документација од наша страна , утврдување на веродостојноста на истата може да направи со увид во нивната архива, од причина што на изработените сообраќајни проекти за утврдување на режимот на сообраќај, согласно законските надлежности, согласност даваа токму тие, соопшти Николов.
Градоначалникот истакна дека Општина Росоман, реализацијата на проектот ја извршила со средства преку Министерство за транспорт и врски, обезбедени од страна на Светска банка.
– Пошироката јавност можеби не е запозната, но голем дел од граѓаните се информирани, дека доколку не е обезбедена целокупната документација неопходна за реализација на истиот, Светска банка и надлежното министерство не ги одобруваат грант апликациите. Доказ за комплетноста е и потпишаниот договор помеѓу Општина Росоман и Министерството за транспорт и врски, посочува градоначалникот Николов.
Според него, станува збор за, како што пишува, „класичен политички притисок“.
– И инжинеринг, директно од одредена партиска структура а спроведен преку ОВР Кавадарци и политички назначениот началник, се со една цел да ме заплашат, да ме деградираат и да ги заплашат граѓаните. Знаат добро граѓаните кој што и како работел изминативе четири години, кој зад себе има проекти, а кој се служи со вакви задкулисни игри. Верувам во мудроста на граѓаните и во нивната спосбност да резонираат и препознаваат политички притисок, сподели градоначалникот на Росоман на Фејсбук.
Секторот за внатрешни работи Велес вчера соопшти дека ОВР Кавадарци до ОЈО Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Н. (28), градоначалник на општината Росоман и Р.Ј. (61), претседател на Совет на општината Росоман, поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување “ согласно член 353 ст.1 од КЗ на РСМ.
– На седница на Совет на Општината, одржана на 28 февруари годинава, било утврдено дека програма за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка планска документација во општина Росоман за 2023 година, што била изгласана на седница на општинскиот совет на 30 јануари 2023 година со 39 точки и без потпис на претседателот на Советот на општината, била изменета, односно била допишана уште една точка, 40 по ред и била потпишана од страна на претседателот на Совет на општина Росоман, појаснија од СВР Велес.
Практично, како што соопштија оттаму, со тоа двајцата пријавени овозможиле преку спорната 40 точка, урбанистички проект за производство на асфалт за катастерска општина „Манастирец“, да биде впишана во програмата за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка планска документација во општина Росоман за 2023 година, без одобрение и гласање од страна на советниците на општина Росоман.
Исто така ОВР Кавадарци до ОЈО Кавадарци поднесе уште една кривична пријава против С.Н. (28) од Росоман и тоа поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Бесправно градење “ (чл.244-а ст.1 од КЗ на РСМ).
– Пријавениот во својство на градоначалник на Општина Росоман, дозволил без решение за реконструкција, односно одобрение за изградба на линиски инфраструктурни објекти, спротивно на одредбите од законот за градење и без основен проект – фаза градежништво, да се отпочне со реконструкција, поточно промена на сообраќајниот режим на влез во Росоман, без соодветна документација, информираа од СВР Велес.