Градоначалникот Николов ги отфрла обвинувањата: Кривичната пријава е политички мотивирана, општината немаше допир со плаќањата
Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов, на денешната прес-конференција ги отфрли наводите од кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција. Николов демантира дека ја злоупотребил службената положба, фалсификувал јавни исправи или дека ненаменски се користеле општински средства.
Тој истакна дека инспекторите од Финансиската полиција првпат ја посетиле Општина Росоман на 30 септември 2024 година, кога им била ставена на располагање целата потребна документација. Сепак, како што рече, кривичната пријава е поднесена дури по девет месеци, што, според него, буди сомнеж дека станува збор за политички мотивиран потег пред локалните избори.
– Наводите од пријавата во целост ги демантирам. Прво, во делот на градежните дозволи – не е точно дека се злоупотребени 35 милиони денари. Станува збор за проекти кои се целосно реализирани и кои веќе се во употреба од страна на граѓаните. Според она што го видов во кривичната пријава, се посочува реконструкција на улица во Росоман, како и изградба на паркови во три населени места. Но, јавните набавки за овие проекти не ги спроведуваше општината, туку органи на централната власт. Со тоа, општината немаше допир ниту со плаќањата, ниту со надзорот врз проектите – изјави Николов.
Градоначалникот исто така ги отфрли наводите дека фалсификувал градежни документи и нагласи дека изминативе четири години општината ја водел чесно и одговорно.