Градската Плажа Горица 3 се препороди како Лазар (Мојсов)

Има едно двостеблесто дрво на градската плажа горица 3 во Охрид. Дрвото е заштитено со законот за заштита на ретките културни споменици, слично на 5-те градски чинари. Прв е најстариот чинар, Големиот чинар, вториот Чинар е на пресекот на Улица Абас Емин и Гоце Делчев. Третиот чинар е тој во Воска(на пресекот на Улиците Бистрица и Гоце Делчев), четвртиот е кај Бурхановата Чешма кон Даљан, а петтиот чинар е на пресекот Карабегомаала и Влашкамаала, кој е на источната страна од градот, гледајќи од стариот голем чинар. Ќе го споменам и коџаџикот до Свети Климентовата црква, посаден во чест на 1001 годишнина од смртта на Методија, еден од браќата просветители, но да не го заборавиме и коџаџикот кај месноста, Горица 1, или како што сега го знаеме, К`ј Дивоно.

Значи, за информација на цела Македонија, пред неколку недели, веднаж до Сахара Глобал или Славија на Субрата Рој, во плажата Немо…..се судрија како Крале Марко со топузот и Црна Арапина со исуканиот мафијашки меч, во беспоштеден бој Владимир Назор со Титовото напред и Жил Верн, со неговиот Наутилус и капетан Немо. Бетонот на општата урбано-мафијашка лопужана на Капетан Немо, се бореше до последна капка и трошка бетон со булдожерите испратени од градскиот совет на Охрид, и министерството на владата на Македонија. И после многу риканје, врева, прашина и извиткани железа и скршен бетон, со огромни породилни болки и маки……. повторно се врати од мртвите, и како Лазар се препороди Градската Плажа Горица 3.

Препородениот Лазар е причината што го спомнувам Тито и Владимир Назор, затоа што дрвото заштитено со закон и кое ја краси новопрепородената ГРАДСКА ПЛАЖА ГОРИЦА 3 е посадена од Лазар Мојсов и Јосип Броз Тито.

Имено, во Градската Плажа Горица 3, гордо, здраво извишено и секогаш растреперено од развигор или лут езерски ветер, се воздигнува двостеблено дрво кое денес и во иднина е врзано во едно. Тоа е дрвото посадено во 1952 година од страна на Јосип Броз Тито и Лазар Мојсов. Заштитено е по закон, но табла за тоа која некогаш ја имаше денес ја нема. Но, за среќа, ја нема повеќе и дивата пиратска плажа на Капетан Немо, која потона заедно со демократски торпедираниот Наутилус.

Долго до бесконечност да живее Градската Плажа Горица 3, и никогаша повеќе да не се дозволи нејзина приватизација и присвојување и демократскиот булдожер на Крале Марко да продолжи да удира по бетоните на црните мафијашки зделки врз заедничкиот сенароден имот. Сега, повторно, и богатиот и сиромашниот охриѓанец како и туристите како привремени охриѓани ќе можат како некогаш, само со пешкир околу вратот, да си пеат весело…. “Vamos a la playa”

Дозволете ми да им се обратам на сите, НА СИТЕ туристи кои се осмелија и дојдоа да не посетат во Охрид во оваа 2020 коронавируско лето.

Почитувани Туристи, домашни и странски, ви благодарам од длабочината на моето охридско срце за тоа што покрај целиот ризик од глобалната пандемија на Ковид 19, сепак се одлучивте да дојдете во Охрид, каде што ќе ги потрошите вашите со мака стекнати заштеди.

Вие докажавте дека сте спремни да умрете или да убиете за убавиот Охрид. Ова не смее никогаш да се заборави и секој од вас заслужува диплома за храброст и диплома за докажана љубов кон градот Охрид. Вашето присуство и вашиот материјален допринес за економијата на Охрид и на безброј охриѓани значи спас и преживување до идните поубави и порелаксирани лета кога веќе корона вирусот ќе биде заборавен. На муци се познају јунаци, и јас ете, ве препознавам вас како јунаци и искрено од се срце ви благодарам за вашата жртва и допринес. Додека сте во Охрид, на неколку часови, еден ден или стотина, Охрид е прво од Бога, потоа е ваш како на почесни гости, а потоа е и наш како негови домаќини. Добредојдовте во вашиот Охрид и имајте пријатен престој. Синоќа започна и реномираниот фестивал Охридско Лето. Повелете и уживајте во тоа што Охрид ви нуди. На заборавете да ја посетите и Градската Плажа Горица 3. Ке немате потреба да платете за лежалки и чадори, понесете и донесете свои лежалки или чадори, или едноставно како што правеа некогаш нашите баби и дедовци, легнете со гол стомак на жежката песок, велат дека така е најздраво.

И, не заборавете да сликате едно селфи под натписот—ГРАДСКА ПЛАЖА ГОРИЦА 3.

Со тој натпис Охрид докажува дека е цивилизиран ГРАД полн со интелектуалци, а не едно сицилијанско мафијашко СЕЛО, преполно со селски фраери.

Агрон Биба

Back to top button
Close