Градскиот пливачки базен во Велес во катастрофално лоша состојба
На електронското јавно наддавање, кое во петокот го спроведе Општина Велес скопската фирма „Луксор оптик“ стана нов закупец со Градскиот пливачки базен во Велес во следните 5 години. Новите сопственици денеска првично дојдоа да ја видат состојбата со базенот во Велес и за жал констатираат дека техничката машинската опрема под базенот каде што се пумпите за вода се половина извадени или украдени и се околу него е во катастрофално лоша состојба, во најголем дел искршено, рѓосано, украдено или неупотребливо, и нефункционално. Украдени и откорнати се и цели кабли за струја на и околу базенот. Пострашно е што од долниот дел на базенот протекува вода, на што се жалеле и жителите од куќите во соседството..
Како што изјави за МИА, Љупчо Василевски новиот закупец на базенот и сопственик на фирмата „Луксор оптик“, тие се разочарани од неговата катастрофална состојба и се принудени за многу кратко време да направат големи напори и финансиски и во човечки ресурси да најдат соодветни мајстори, за базенот да биде навреме реновиран до крајот на јуни или почетокот на јули да започне со работа.
Василевски потенцира дека од локалната власт која им го издала под закуп Градскиот пливачки базен бараат од нив како закупци, Градскиот пливачки базен да биде пуштен што поскоро во интерес на граѓаните на кои им е единствено место за рекреација и разладување во пеколните летни денови во градот. Тие сметаа дека постапката за издавање на базенот им била дадена многу доцна пред самата сезона, поради што и немаат доволно време се навреме да средат за навреме да стартува годинашната пливачка сезона на базенот, но велат дека ќе направат вонредно големи напори и залагање базенот да го средат и да го пуштат во функција.
-Од денешниот увид можеме да констатираме дека состојбата со Градскиот пливачки базен е катастрофална. Долниот дел под базенот каде што се пумпите за вода се пола извадени. На базенот не функционираат многу работи: извадени се дозерите за хлорирање на водата, базенот долу протекува и треба да се види каде протекува, и дали треба да се заварува со аргон. Но, најпрво треба да се испушти водата да се види каде понира вода во долниот дел, а потоа ако треба да се заварува со аргон што е многу скапо. Само еден сантиметар заварување со аргон чини 10 евра, а да замислиме дека треба да се заварува и неколку метра. Треба да се сменат и старите мотори и целиот моторен дел под базенот кој е во катастрофално лоша состојба, потенцира Василевски.
Додаде дека не знаат ни каква е состојбата со водата со струјата, а воедно и целосно треба да се реновираат тоалетите и соблекувалните и останатите придружни објекти кои скоро целосно се уништени и каде е потребно да се постави целосно нова опрема.
Инаку порано базенот со вода се полнеше од водата од Градскиот водовод, а потоа некои нови закупци го поврзаа на вода од бунари.
Според првичната проценка на Василевски, потребни му се најмалку околу 100 -тина илјади евра Градскиот пливачки базен на Велес да се стави во функција во претстојната летна сезона.
Нивната понуда на електронското надавање за Градскиот базен во Велес била 81.634 денари месечно, е за три месеци, јули, август и септември, според јавниот повик, и е прифатена од Општина Велес, а за останатите девет месеци надоместокот им е по 3.000 денари месечно,
Тие биле единствени заинтересирани за закуп, заради што цената дадена од Општина Велес од 116.620 денари без ДДВ, денари била намалена согласно методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот…
Објектот, односно Градскиот пливачки базен во Велес е веќе во владение на скопската фирма „Луксор оптик“ , која веќе потпиша договор со Општина Велес, и која се обврза да управува со базенот во следните 5 години.