Граната експлодираше во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во Тел Авив

Граната вчеравечер експлодираше во резиденцијата на норвешкиот амбасадор во Тел Авив, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.

Во инцидентот, како што додаде, нема повредени.

На социјалната мрежа Икс напиша дека го осудува овој инцидент.

„Пред малку разговарав со норвешкиот амбасадор во Израел, Пер Егил Селваг, во чиј двор вечерва беше фрлена граната. Остро го осудувам ова сериозно и опасно злосторство“,напиша тој.

Во соопштение на норвешкото Министерство за надворешни работи се наведува дека контактирале со амбасадата и оти во инцидентот не е повреден дипломатски персонал.

Израелската полиција соопшти дека започнала истрага за инцидентот, што предизвикал мала материјална штета.

Во меѓувреме, поради тековниот конфликт меѓу Израел и Иран, Чешка привремено ја затвори својата амбасада во Техеран, објави Радио Прага.

Одлуката ја донесе министерот за надворешни работи Јан Липавски. Воспоставен е телефонски број за чешки граѓани во Исламската Република на кои им се потребни итни конзуларни услуги.

И австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг изјави дека амбасадата на земјата во Техеран е затворена поради влошувањето на безбедносната ситуација во Иран.

Back to top button
Close