Грчката армија поставува шатори пред болницата во Солун за прием на пациенти

Премиерот Киријакос Мицотакис призна дека го потценил опсегот на вториот бран на епидемијата, особено во Солун

Грчката армија започна со поставување шатори пред воената болница во Солун, кој е најмногу погоден со вториот бран од епидемијата на коронавирус, јавува агенцијата Франс прес.

Во шаторите ќе може да се сместат околу 50 болнички кревети, објави Генералштабот на грчката армија.

Покрај тоа, две приватни клиники примаат пациенти заразени со коронавирус во Солун, град со околу милион жители.

Грчката опозиција ги обвини властите дека не го зголемиле доволно бројот на болнички персонал во последните месеци и дека не презеле мерки против епидемијата на коронавирус во јавниот превоз.

Премиерот Киријакос Мицотакис призна дека го потценил опсегот на вториот бран на епидемијата, особено во Солун, каде што, како што рече, претходно требало да бидат преземени соодветни мерки.

Бројот на заразени и починати од почетокот на ноември започна да расте во Грција, каде од 7 ноември во сила е карантин.

Во таа земја, од почетокот на епидемијата починале 1 630 лица, а 91 619 се заразени.

Портпаролот на грчката Влада минатата недела најави дека рестриктивните мерки кои се на сила во земјата веќе три недели, поради лошата состојба, најверојатно ќе продолжат до средината на декември.

 

Back to top button
Close