Грчката црква ја прифати одлуката за признавање на канонскиот статус на Охридската архиепископија

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Истовремено, грчката црква изразува и сериозна загриженост поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, поради користењето на името „Македонска православна црква“, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикција има област наречена „Македонија“
Православната црква на Грција денеска излезе со соопштение од нејзиниот Свет Синод, во кое се вели дека Атинската архиепископија, возглавена од архиепископот г. Јероним, со задоволство го прими писмото од Вселенската патријаршија во кое се известува за „исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење“ на светата Охридска архиепископија, под водство на неговото блаженство архиепископот г.г. Стефан.

Истовремено, Светиот архијерејски Синод на Атинскатаа архиепископија изразува сериозна загриженост поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, поради користењето на името „Македонска православна црква“, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикција има област наречена „Македонија“. Дополнително, загриженоста на Атинскиот Синод е уште поголема и поради наводното доделување на автокефалија од страна на Црквата на Србија, бидејќи „единствената надлежна институција за доделување Автокефалност е сечесната Вселенска патријаршија“.

На крај, во соопштението на Православната црква на Грција се вели дека „Светиот Синод ѝ посакува на свештената Охридска архиепископија под неговото блаженство архиепископот гг. Стефан, конструктивно да го исползува нејзиното враќање во црковното единство и подигањето на шизмата“.

Вселенската патријаршија ја призна Охридската архиепископија за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа на 9 мај годинава.

Потоа следуваа и заеднички литургии на МПЦ-ОА со Српската православна црква во Белград и Скопје. На литургијата во Скопје српскиот патријарх Порфириј објави дека СПЦ прифаќа и признава автокефалност на МПЦ-ОА.

По ова, на 5 јуни следуваше и фрачување на томос од СПЦ за МПЦ-ОА. Меѓутоа, истиот ден поглаварот на македонската црква, г.г. Стефан, пак, во интервју за грчкиот весник „То Вима“ зборуваше за издавањето томос за што сега загриженост изразува грчката црква и порача дека единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност. Како што рече архиепископот, Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква што, според традициите и каноните, издава таков документ.

Back to top button
Close