Грчката граница кај Евзони денеска е проодна, веројатно и утре. За недела не се знае
Според последните најави на земјоделците во блокада во Грција и тамошната полиција денеска граничните премини се отворени, а веројатно така ќе бидат и утре сѐ до клучниот состанок на незадоволните што е закажан за в недела.

Новата година ги затекна грчките земјоделци на крстосница, испраќајќи порака за решителност и единство.
За прв пат во историјата на протестите, тие избраа да ја дочекаат новата година на местата каде што беа сите овие денови со своите трактори, но без да ја затворат националната патна мрежа, со цел да го олеснат движењето на граѓаните.
Вo недела попладне во Малгара (кај Солун) ќе се одржи клучен национален состанок, со учество на претставници од повеќе од 50 блокади од целата земја, за да се оцени текот на мобилизациите и да се координираат активностите за наредниот период. Оние што се за дијалог со владата на Киријакос Мицотакис нема да учествуваат на состанокот, пишуваат грчките медиуми.
Блокадите на земјоделците во Малгара, Промахона, Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) остануваат отворени и денес за лесно движење на посетителите кои дошле на одмор, но и во исчекување на одлуките што се очекува да бидат донесени во недела.
Утре, сабота, во 12 часот, земјоделците од блокадата Евзони ќе маршираат со земјоделски возила и трактори во градот Кукуш, каде ќе побараат средба со заменик-претседателот на Парламентот, Георгиос Георгантас, пратеник за Кукуш, за да му ги презентираат своите барања, пред да се вратат во нивното седиште, во царинската испостава. Се очекува патот повторно да биде блокиран утре, сабота, од 18 часот до 22 часот.
Во Ники, каде што блокадата остана отворена на новогодишната ноќ и утредента, сите возила денес продолжуваат нормално да поминуваат, додека собраните земјоделци и сточари ќе се сретнат вечерва во 19 часот, за да одлучат дали ќе го затворат патот утре или задутре, со оглед на состанокот в недела.
И покрај обидот на владата да го подели фронтот на земјоделците, се чини дека никакви гласови за безусловен дијалог не се слушаат среде вревата за мобилизации.
Владата сега најавува дека доколку земјоделците повторно ги ескалираат блокадите на патиштата, ќе се спроведе План Б со административни мерки против сопствениците на трактори кои учествуваат во блокадите.
Премиерот Киријакос Мицотакис во својата новогодишна порака зборуваше за „блокади против општеството“. Додека изјавите на владини претставници, како што е министерот за здравство Адонис Георгиадис, кој, зборувајќи на радио Алфа, тврдеше:
„Не сите земјоделци се на блокадите, некои комунисти и крајни десничари се… Блокадите не се одржуваат поради земјоделски прашања, туку за да се собори владата. Тоа е политички чин и ние седиме и ги тапкаме по грбот





