Грчката полиција повикува Македонци од Леринско и Воденско околу пеењето спорна песна за Илинден во Овчарани

Македонци од околината на Лерин и Воден во Грција деновиве се повикани во полиција откако двајца грчки граѓани ги пријавиле за пеење песни со содржина што е спорна според грчките закони, на прославата на Илинден во леринското село Овчарани (Мелити), објави Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“ од Грција. Движењето во објавата на „Фејсбук“ наведува дека луѓето се под истрага за кривично дело.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Препорачано
Сидни Свини и Мерилин Монро — со години ги споредуваат, а сега излезе и дека се роднини
Андоновски откри од кога личните документи ќе можеме да ги имаме и на телефоните
Блесок на уште еден Рустемовски: Арабел има најмалку бронза од младинското ЕП во Будва
– Во изминатите денови, некои Македонци добиваат полициски повици за да дадат исказ во рамките на истрагата по повод претставка поднесена од еден граѓанин против Македонци. Станува збор за колективна претставка која опфаќа 15 поединци и 2 организации. Доколку сте добиле повик, ве молиме известете нè преку пораките на фејсбук-страницата на непрофитната организација – се наведува во објавата на Македонско движење за афирмација на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“.

Од движењето повикувањето во полиција го оценуваат како обид за заплашување на Македонците во Грција кои јавно зборуваат македонски јазик и пеат македонски песни.

– Одлучно и колективно ќе одговориме на какви било самоволни постапки или обиди за заплашување на Македонците кои јавно зборуваат и пеат на македонски јазик! Откако ќе заврши претходната истрага, јавниот обвинител ќе го разгледа предметот и ќе одлучи дали да поведе формална кривична постапка (упатувајќи го предметот на судење или на формална судска истрага) или да го архивира предметот, доколку утврди дека нема доволно докази за сторени кривични дела – се наведува од страна на движењето „Крсте Мисирков“.

Дел од грчките медиуми минатиот месец објавија дека двајца грчки граѓани до Обвинителството во Лерин доставиле видеоснимка од прославата на Илинден во селото Овчарани, одржана на 19 јули (Илинден според грегоријанскиот календат). Селото во Леринско е населено претежно со етничко македонско население, па на прославата се пееле бројни македонски песни.
Подносителите на пријавата, според објавените информации, од Обвинителството побарале да се утврди дали постои кривична или друга одговорност на лицата кои на видеото пеат песни. Посебно било спорно пеењето на песната „Александар, цар македонски“, која, според подносителите, содржи стихови што „ја искривуваат историјата и создаваат услови за поделба“.

Песната, инаку, е испеана и снимена од македонската пејачка Сузана Спасовска, а за подносителите биле посебно спорни стиховите на песната во кои се наведува дека Александар е „цар македонски“. На прославата, оваа песна ја пееше ангажираната музичка група, а во пријавата било наведено и тоа дека учесниците правеле и гестови кои „може да се толкуваат како референца за отцепување на грчка Македонија“.

Обвинителството од Лерин засега не се огласува за случајот, за кој неодамна со осуда се огласи и леринскиот митрополит на Грчката православна црква, Иринеј.

песни.

 

Back to top button
Close