Грчката Влада преку програма од 420 милиони евра ќе го поддржи туристичкиот сектор

Капитал за почеток, односно субвенција до 400.000 евра ќе може да добијат туристичките бизниси во Грција во рамките на новата програма за поддршка што денеска ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот со претставниците од туристичкиот сектор, а ќе може да достигне до 420 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Средствата за грчката програма се откако Европската комисија одобри помош за Грција во висина од 800 милиони евра.

Програмата на Владата, како што објасни Мицотакис на состанокот, го опфаќа целиот спектар на туристички бизниси: хотели, сместувања, соби за изнајмување и кампови, но и туристички агенции и туристички автобуси.

– Пред сè говориме за поддршка на малите и средни претпријатија. Средствата се целосно обезбедени, помошта за првата категорија, односно за сместувањето, ќе биде еднаква на 5 отсто од прометот на секоја компанија во 2019 година. Додека за втората категорија изнесува 2, 5 проценти. Условот е ист со условите што ги поставивме за соодветната програма за угостителство, односно да има намалување на прометот за 30 отсто и секако компаниите да имаат барем еден вработен, објасни Мицотакис.

На почетокот на состанокот грчкиот премиер се осврна и на официјалниот старт за европскиот дигитален ковид сертификат во Грција и во уште шест земји од ЕУ.

-Тоа беше идејата што ние ја започнавме на почетокот на јануари. Воопшто не беше очигледно дека ќе можеме да ја спроведеме на европско ниво. Обично за да се донесе европска регулатива,  потребни се години. Во конкретниот случај, доволни беа само два месеци за ова да стане реалност. И сигурно е многу важно во пресрет на туристичката сезона, рече Мицотакис и откри дека лично тој веќе го извадил неговиот сертификат.

Фото: Кабинет на грчкиот премиер/ Димитрис Папамицос

Back to top button
Close