Грчкиот Парламент го изгласа новиот закон за справување со затајувачите на данок
Со 158 гласа „за“ – сите од пратениците од владејачката Нова демократија, грчкиот Парламент доцна синоќа го изгласа законот за измените во начинот на оданочување и справување со затајувањето на данок, јави дописничката на МИА од Атина.
Против беа 140 пратеници, сите од опозициските партии.
Предлог-законот на Министерството за национална економија и финансии „Мерки за ограничување на даночното затајување“ предизвика низа реакции во Грција во изминатиот период и низа штрајкови и протести.
Реагираа самовработените лица и хонорарците, адвокатите, таксистите, угостителите, кои сметаат дека конкретниот закон со кој се менува начинот на оданочување е на нивен товар и финансиски ќе ги уништи.