Грчките медиуми: „Северна Македонија: Заев се договори со Ахмети“

– Лидерите на двете најголеми партии од владината коалицијата во заминување, Зоран Заев од Социјалдемократската партија (СДСМ) и Али Ахмети од албанската ДУИ, постигнаа договор за формирање нова влада, по парламентарните избори во Северна Македонија што се одржаа на 15 јули, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, на почетокот од текстот, кој го презедоа речиси сите онлајн изданијата на грчките медиуми, а се однесува на договорот за новата владина коалиција кај нас, јави дописничката на МИА од Атина.

„Северна Македонија: Зоран Заев останува премиер“; „Северна Македонија: Договор за формирање влада“; „Скопје: Договор меѓу Заев и Ахмети“; „Договор на Заев и Ахмети за формирање влада во Северна Македонија“, „Северна Македонија: Заев се договори со Ахмети“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.

АНА-МПА во текстот пишува дека „шеф на новата влада ќе биде Зоран Заев, со исклучок на последните 100 дена од владиниот мандат, кога премиерската позиција ќе ја преземе личност предложена од партијата на Али Ахмети“ и пренесува дел од изјавите на лидерот на СДСМ.

-Зоран Заев по договорот со Али Ахмети спомена дека приоритетите на новата влада ќе бидат справување со корупцијата и имплементација на реформите што се неопходни за европскиот пат на земјата, како и справувањето со здравствената и економската криза, предизвикани од пандемијата Ковид-19, пишува грчката новинска агенција и објаснува дека новата влада „ќе има мало мнозинство во новото Собрание“

Back to top button
Close