Грчките медиуми за убиството на 14-годишната Вања
Јавноста е во шок по убиството на 14-годишното девојче, кое пред една недела беше киднапирано пред нејзиниот дом во Скопје, а вчера беше пронајдена мртва на локација надвор од Скопје, во киднапирањето на 14-годишната наводно е вмешан и нејзиниот татко, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, на почетокот од текстот за убиството на Вања, текст кој го презедоа онлајн медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
„Скопје: Мртва 14-годишната која беше киднапирана-се истражува вмешаност на нејзиниот татко“; „Шок од суровото убиство на 14-годишната Вања, која беше киднапирана во Скопје“; „Северна Македонија: Пронајдена мртва 14-годишната, која беше киднапирана во Скопје“; „Скопје: пронајдена мртва 14-годишната – се бара нејзиниот убиец“; „Пронајдена мртва 14-годишна киднапирана во Скопје – се чини дека е вмешан нејзиниот татко“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, кои ја пренесуваат веста од АНА-МПА.
Грчката новинска агенција, ги пренесува изјавите на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски и ставот дека мотивот за киднапирањето била лична корист, со цел киднаперите да извлечат пари од мајката на 14-годишната, но и дека наводно, добиените информации за девојчето биле од нејзиниот таткото.
-За случајот уапсени се три лица, додека убиецот првично побегнал во Србија, а оттаму во Бугарија и се трага по него. Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска негира вмешаност во киднапирањето на неговата ќерка. Според министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, „мозокот“ на киднапирањето ја убил 14-годишната со пиштол, во страв дека би можел да биде уапсен од полицијата која имаше започнато истрага за киднапирањето, пишува АНА-МПА.
Во опширниот текст додава дека полицијата го знае идентитетот на убиецот, дека станува збор за контроверзен бизнисмен, познат на полицијата од минатото, а е и основач на мала вонпарламентарна националистичка партија.
Како што минатата седмица објави МИА, грчката невладина организација „Насмевката на детето“, чија главна цел е заштита на децата и нивните права, на официјалниот Фејсбук профил објави пост за исчезнатата Вања, што иако не беше официјален амбер алерт, сепак беа споделени сите податоци и информации за девојчето, како и нејзината фотографија.