Грчките работодавци патуваат низ Европа, ги повикуваат квалификуваните Грци да се вратат дома
Грчката министерка за труд е на турнеја низ Европа за да ги убеди своите сонародници да се вратат и да ја обноват работната сила во земјата. Ники Керамеус предводи делегации на грчки работодавци низ европските градови – од Лондон до Амстердам – носејќи смела порака: Грција повеќе не е истата земјa како онаа од која избегаа.
„На почетокот, атмосферата е негативна. Тие нè гледаат како претставници на земјата што ги оттурна. А предизвикот е уште поголем: да им покажеме дека денешна Грција нема никаква врска со Грција од 2010 или 2012 година“, изјави Керамеус за Фајненшл тајмс.
Грција страдаше од намалување на работната сила и губење на клучни професионалци низ целата економија. Повеќе од 600.000 претежно млади, високообразовани Грци ја напуштија земјата помеѓу 2010 и 2021 година, откако земјата потона во најлошата мирнодопска рецесија од која било напредна економија.
Ниските плати и ограничените кариерни перспективи, како и недостатокот на меритократија, остануваат клучни причини зошто многумина не се подготвени да се вратат, покажа истражувањето на BrainRegain минатата година.
Меѓу оние што беа убедени да се вратат беше Аугуста Станица, архитект и истражувач на вештачка интелигенција, која се врати во Атина по речиси една деценија во Велика Британија.
Таа доби позиција во областа на податоци и вештачка интелигенција во EY преку саем за работа во министерството – додека беше петти месец бремена.
„Бев импресионирана што мојата бременост не се сметаше за пречка. Чувствував дека ставовите во Грција се менуваат – за работата, мајчинството и културата“, рече таа