Грција ќе распореди 400 полицајци на границата со Турција кај Еврос

– Во текот на следните денови, на грчко-турската граница кај Еврос ќе бидат испратени околу 400 полицајци, објавија грчките медиуми, додека пак во текот на денешниот ден министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис ќе ја посети конкретната област каде што ќе започне изградбата на 26 километарски ограда, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, коментирајќи го зајакнувањето на границата со Турција, рече дека „алармот кај Еврос не беше исклучен со смирувањето на кризата во март“.

– Имаше некои изјави што укажуваат на тоа дека повторно ќе имаме притисок врз нашите граници, а особено на нашата копнена граница и поради тоа не се опуштаме, рече Панајотопулос.

Во изминатиот период во грчките и странските медиуми се појавија информации дека турски војници влегле на грчка територија кај Еврос, нешто што официјална Атина во повеќе наврати го демантираше.

На вчерашниот состанок на парламентарната комисија за надворешни прашања и одбрана, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и министерот за одбрана Никос Панајотопулос се осврнаа и на ситуацијата кај Еврос.

– Владата никогаш не дозволи, ниту ќе дозволи загуба или оспорување на национална територија, морам да кажам, ниту една грчка влада. Секако, постои јасна уставна одредба и позиција. Споменувањата за наводна окупација на, го потенцирам зборот, национална територија, што во последниве денови беа објавени и во странскиот печат, се лажни вести кои не треба да се репродуцираат. Сметам дека е незамисливо да се усвојуваат такви тврдења и да бидат предмет во грчката јавна дебата, рече Денедиас и накусо објасни што се случило кај Еврос.

Според шефот на грчката дипломатија, започнале подготовките за изградба на оградата, а Турција побарала да биде информирана и да ги добие координатите, но одговорот од грчка страна бил негативен.

Потоа следела раздвиженост од турска страна во делот каде што се извршувале подготовките на грчка територија и Атина, со вербална нота реагирала до турскиот амбасадор во Грција.

Како што рече Дендиас, следниот ден со соопштение, Турција тврдела дека Грција ги нарушила нејзините копнени граници.

За време на состанокот на Комисијата и министерот за одбрана на Грција, демантираше дека „грчка територија била окупирана од странски сили односно од елементи на турските вооружени сили кај Еврос“.

Back to top button
Close