Грција нема да учествува во европска воена сила во Украина

Ставот дека Грција нема да учествува во европска воена сила во Украина, го повторил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот на „Коалиција на подготвените“, но паралелно ја оставил отворена можноста Атина да придонесе на други начини, вон Украина, вклучително и во прашања поврзани со поморски надзор, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчки владини извори брифираат дека Мицотакис на состанокот ја повторил и потребата од дополнително зајакнување и поддршка на украинските вооружени сили, што претставува најзначајната гаранција за безбедноста.
Потсетуваат дека Грција уште на почетокот на декември објави придонес од 20 милиони евра во рамки на НАТО-иницијативата „Prioritized Ukraine’s List of Requirements“.
Мицотакис ја истакнал важноста на американското учество во безбедносните гаранции, како за самата Украина, така и за Европа, а дополнително ја нагласил потребата од координација на европските позиции, со цел ЕУ да има јасна стратегија во мировните преговори со САД и Русија.
Паралелно потсетил дека Грција ја поддржува Украина и во областа на енергетската безбедност, со акцент на снабдувањето со природен гас преку терминалот за течен природен гас во Александруполи и Вертикалниот коридор.
Грчкиот премиер повторил дека промената на границите со употреба на сила не може да се легитимира и дека Украина е таа што ќе одлучи за својата иднина.






