Грција очекува договор на Самитот на ЕУ за Фондот за закрепнување

Потребата итно да се постигне договор на европско ниво за Фондот за закрепнување, ја истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашниот состанок на Европските народни партии, но и пред почетокот на денешниот самит на ЕУ, истакнувајќи дека „не постои апсолутно никаква причина зошто да не се постигне договор на овој Самит“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Не треба да ја загубиме големата слика, а големата слика е дека сме соочени со најголемиот економски пад по Втората светска војна. Можеби неопходни се некои компромиси, но треба да бидеме сигурни дека ќе постигнеме амбициозно решение, бидејќи нашите граѓани не очекуваат ништо помалку од нас, рече Мицотакис по пристигнувањето во Брисел.

На вчерашниот Самит на Европските народни партии, грчкиот премиер, го карактеризирал како симболичен предлогот на ЕК за грантови и можни заеми.

Портпаролот на Владата Стелиос Пецас на брифингот со новинарите, вчера рече дека позициите на Грција се базирани на три оски: да се задржи висината на помошта предложена од Европската комисија; да се задржи предложениот сооднос од ЕК за грантови и заеми, така што главниот дел на помошта да се грантови, а не заеми и трето, да не бидат потребни дополнителни специјални услови за помош преку Фондот за закрепнување, освен оние што веќе се предвидени во Договорот за стабилност и развој.

Пецас рече дека за време на телефонскиот разговор на грчкиот премиер со претседателот на Европскиот совет во понеделникот, а во пресрет на денешниот Самит, Мицотакис на Мишел му ги повторил грчките позиции и истакнал дека „по завршувањето на Самитот не треба да се вратиме во нашите земји без взаемно прифатено решение“.

Back to top button
Close