Грдата (гео)политика и геноцидот во Газа
Не знам дали сме свесни дека живееме во ретроградни времиња на некојси Трамп и Путин, кои со своето актуелно постоење, на светов му ја испишуваат најгрдата страница во меѓународните односи и создаваат тектонски поместувања на нашава цивилизација, а под претекст на заштита на своите сонародници и секако бизнис елитата. Сето тоа произлегува од нивните внатрешни автократски политики, што, за жал, претставуваат пример за однесување на малите политиканти желни за власт и манипулација со природните богатства и народните пари, од Венецуела до Балканот и назад, насекаде каде за преживување граѓанинот е ставен во менгемето меѓу „одбраната на националната чест“ и технолошката и интелектуална манипулација на корпорациите. Тоа им го дозволуваме ние!
Ако поводот за ваквото резонирање вчера беше и сè уште е трагедијата на украинскиот граѓанин, денес тоа е израелскиот геноцид врз палестинскиот граѓанин!
Веќе не се работи за либерална и конзервативна геополитичка траекторија како што следбениците и профитерите на овие меѓународни тенденции сакаат да ги објаснат и оправдаат чекорите на некојси Трамп и Путин, актуелните иницијатори на новата Студена војна, туку се работи за директен удар врз најдлабоките човечки чувства за солидарност, емпатија, за ретрограден цивилизациски исчекор. За жал и корпоративната профитно ориентирана експлозија својот опстанок егоистички го врзува за бенефитите што и ги обезбедуваат врските со ваквите авторитарни личности, кои „легално“ ги поседуваат дизгините на моќта, позиција купена и со „донациите“ на бизнис елитите.
Дури ни генералниот секретар на Обединетите нации, Португалецот Антонио Гутереш, организација зависна од контрибуциите на некојси Трамп или Путин, е во дилема дали и како да се спротивстави на актуелните нарушувања на мирот, не само во Европа, на Блискиот исток… А токму таа организација, што е основана за создавање и одржување на мирот во светот, а не средби на „љубовниот пар“ од Аљаска или утре Истанбул, е единствениот повикан меѓународен форум за надминување на овие неспорно нечовечки политики, проследени со масовни убиства и материјални девастации. Претседателот на Португалија Марсело Ребело де Соуса сонародникот на Гутереш, пак, предизвикан од промените во односите на САД со европските сојузници заради украинската војна, оцени дека Трамп се однесува како „руски или советски агент“.
А Гутереш пак, соочен со сѐ поголемото губење на угледот на ОН како заштитник на мирот во светот не може резолутно да ја заштити од напади ни Специјалната репортерка на ОН за заштита на човековите права на окупираните палестински територии Франческа Албанезе. Нејзиниот извештај насловен како „Од економија на окупација во економија на геноцид“ е масакриран од коментарите на центрите на моќ, заради нејзините наоди дека 48 мултинационални компании извлекуваат тешки профити од веќе означениот „геноциден систем“, во услови кога технолошките фирми ги снабдуваат токму оние инфраструктури кои ги водат воените операции во Газа. И сето тоа засновано на платформа најавена како туристичка, територијална идна инвестиција, се разбира, усмерена кон бреговите на Медитеранот во Газа.
Ако не може Фраческа доволно да го подигне гласот за целите на геноцидот во Газа, еден друг Албанезе, премиерот на Австралија Ентони Албанезе, како израз на огорченост од израелскиот масакр врз палестинските граѓани, јавно се приклучи кон срамежливите најави на западноевропските лидери за признавање на Палестинската држава за време на Генералното собрание на ОН овој септември. Еве добра провокација и за нашето поставување на Собранието…
Можеби некојси Трамп или Путин нема да се потресат од овие реакции за нивната политика, со сѐ погласна и помасовна осуда за можноста од распарчување и руинирање на Украина или геноцидот и етничкото чистење во Газа. Осуда која произлегува од чувството дека секој помал народ може да дојде под удар на авторитарните фрустрации на лидери на големите сили кои поседуваат, макар и формална моќ за да запретаат со можна употреба на нуклеарно оружје, ако некој им ја доведе во прашање замислената опасност по нивите „национални“ или стратешки интереси. Затоа им е потребена нова Студена војна, која можеби ќе ги „заштити“ повторно да не дојде до нарушување на советско-американската ригидна повоена светска доминација. Но светот неумоливо се менува, не само заради превртливоста на интересите на творците во сферата на технологијата и на неконтролираната вештачка интелигенција, туку и заради нивното се позначајно свртување кон кинески, индиски, бразилски, саудиски…, пазари во кои им создаваат поголеми профити.
Сепак, ако се земе во предвид фактот за неминовноста на животниот век на човекот кој е фатално ограничен, и овие автократски, ретроградни трендови на политиките на некојси Трамп или Путин имаат своја кратка употребна вредност. Штетите ќе ги сумираат идните историчари, социолози и секако наследниците на оние кои денес се спротивставуваат на овие деструктивни политики во меѓународните односи.
Иако охрабрува подигањето на гласот на неколку македонски интелектуалци за прекин на молкот на највисоките функционери на нашата држава за геноцидот врз граѓаните на Газа, сеуште како да не разбираме дека овие (гео)политички тенденции и нас директно не засегаат. Но денес таа леснотија на живеење нема да ја запре, па и ќе ја поттикне, утрешната наезда на апетити на некои следбеници и наследници на денешните носители за автократски тенденции врз нашето актуелно какво-такво демократско, социо-економско, културно и идентитетско битисување.
Виктор Габер