“Грдата војвотка” била всушност маж?

Скоро 80 години збрчканата, гушава и гротескна „Старица“ на Квинтен Масис ги шармира посетителите во Националната галерија во Лондон.

Со комбинацијата на робусно торзо и капа со рогови, разбирливо е зошто сатиричниот портрет од 16 век бил инспирација за илустрацијата на Сер Џон Тениел за Кралицата во Авантурите на Алиса во земјата на чудата.

Сепак, претстојната изложба сега сугерира дека „Грдата војвотка“ можеби е травестит.

Ема Капрон, кураторка и експерт за ренесансната уметност, вели дека ликот најверојатно e насликан како дел од истражувањата на родот од страна на уметникот. Во интервју за Опсервер, Капрон вели: „Да, таа најверојатно е тој. Знаеме дека Масис бил многу заинтересиран за карневалите, каде што мажите често имитираат жени. Градите, односно скандалозното деколте, се фантазија на Масис“.

Независно од изгледот претходно се сметало дека ликот е жена, која можеби страдала од болест која ги воспалува и деформира коските. Во 2008 година, истражувачи од Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјавила дека „старата жена“ боледувала од Паџетова болест која и ги зголемила коските на вилицата, ѝ го кренала носот и и ја проширила горната усна.

Но, претходно историчарите на уметноста сугерираа и дека станува збор за карикатура на Маргарет Молташ (буквално „уста од торба“ на германски), грофица од Тирол, која живеела 1318-69 година. Причина за карикирањето бил револтот и стравот од последиците од нејзината, тогаш скандалозна одлука. Имено, таа се осмелила да се разведе од својот прв сопруг за да се омажи за некој друг, што резултирало и двајцата да бидат екскомуницирани од папата (додека следниот папа не ја сменил одлуката).

Дополнително, пријателот на Масис, Еразмо, во својата книга „Пофалба на глупоста“ ги исмева старите жени кои „сè уште глумат кокети“, кои „не можат да се оттргнат од огледалата“ и „не се двоумат да го покажат своите одбивно исушени гради“.

Како и да е, останува впечатокот дека мизогинијата, ејџизмот, омразата кон жените кои ги отфрлаат законите кои ги заробуваат во несреќни односи, но и негативниот став кон трансвертизмот се во позадината на едно дело, кое сепак, и после многу векови останува парадоксално шармантно и исклучително впечатливо.

Back to top button
Close