Грдото лице на системот


колумна на Трифун Костовски

Почитувани читатели,

Еуростандард банка и нејзиниот стечај се типичен пример за сеприсутноста на организираниот криминал и корупција во нашата земја. Во изминативе денови се појави и Стејт Депратментот на САД, веќе докажан пријател на Република Македонија, со отворени најави дека ќе се нафати за соочување во костец со ова општествено зло кое кај нас е секојденвие. Хорското пеење на политички наштелувана актуелната власт, притоа морално раштимана почнувајќи од највисокото до најниското ниво, дека тоа е навистина зло со кое треба да се справиме, во основа е празна демагогија. Како може да очекуваме од тој што го поддржал и развил ова општествено зло истиот да го решава? Народски кажано ова е „до гуша е фатен на дело, вика на глас за другите”. Тоа во ниедна држава не врви.

Од друга страна, со перманентната финансиска поддршка особено во судството од страна на САД кон Република Македонија, една е целта, да заживее правото и правната држава. Според коментарите коишто дојдоа од амбасадорката на САД во еден од најзините први јавни настапи, им станува целосно јасно дека почетокот на расчистување со корупцијата е поврзано со градење на здрав, кредибилен столб на правдата и дека во моментов работите се целосно погрешно поставени, без никаков простор системот сам од себе да се ,,лекува”, туку потребен е интервентен ,,рез” кој радикални ќе ги искорени канцерогените ткива во општеството.

Со години наназад укажувам дека криминалот и корупцијата во Македонија царуваат. Не сум единствен кој што ова го вели. Очигледно е дека политичките партии во Република Македонија не го есапат својот граѓанин, бидејќи со ниту еден чин не направија исчекор во борбата против криминалот и корупцијата. Да се разбереме, во Македонија официјално постојат институции кои се задожени со закон да се борат против ова зло, меѓутоа во пракса е очигледно дека тоа е само буква на хартија.

Јавноста во Репубика Македонија многу добро знае како и на кој начин се практикуваат организираниот криминал и корупција во Република Македонија.

Институциите кои се задолжени да се борат против ова зло молчат и молкот царува. Требаше да се појави господинот Ескобар со конкретни чекори кои ги презема администрацијата на САД, па да разбереме дека во Македонија владее криминалот и корупцијата.

По ова прашање се најавуваат тимови на експерти кои треба да го детектираат ова зло.

Се чувствувам повреден и понижен во очите на меѓународната заедница, дека ние граѓаните на Република Македонија сме плен на ова општествено зло.

Во случајот со стечајот на Еуростандард банка таксативно ги наведував во изминатиов период сите институции на системот кои земале учество во стечајот на банката.

Егзекутор беше Народна банка, која ги прескокна многуте инструменти кои ѝ беа на располагање за стабилизација на банката, вклучително со потенцијалниот инвеститор за кого немаше време да го прими на разговор.

Техничката Влада предводена од актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, даваа логистичка поддршка на овој чин, донесувајќи две контраверзни уредби со сила на закон со кои се даде зелено светло дека егзекуцијата може да почне „веднаш и сега”.

Стечајот на Еуростандард банка се обзнани веднаш по вонредната состојба од пандемијата Ковид-19, која траеше цели 97 дена. Во сиот овој период на вонредна состојба од страна на Народна банка ни беше одземено правото да работиме со правни и физички лица, како и со принудна наплата на доспеани кредити. Со еден збор бевме осудени на смрт.

Стечајот на Еуростандард банка е обзнанен без конституирани Собрание и Влада на Република Македонија, веднаш по завршувањето на предвремените парламентарни избори.

Ова е најлудиот потег кој што можеше Народна банка да го испорача. Наместо да делува како регулатор во банкарскиот сектор, таа се постави како џелат, бранејќи ги базичните интереси на криминогените структури.

Се прашувам, а ве прашувам и вас: „Кому му сметаше Еуростандард банка и семејството Костовски”?

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close