ГРЕКО: Од 23 препораки од 2019 г., 13 се имплементирани задоволително, девет делумно, а една не е воопшто
Групата држави против корупција при Советот на Европа (ГРЕКО) во вториот извештај за усогласеност заклучува дека Северна Македонија задоволително имплементирала 13 од 23 препораки од Извештајот за евалуација од петтиот круг, додека девет се делумно импелентирани, а една не е имплементирана.
Инаку, вториот извештај за услогласеност ги проценува мерките што македонските власти ги презеле за имплементација на препораките дадени во Извештајот за евалуација на Северна Македонија од петтиот круг усвоен и објавен во 2019 година. Првиот извештај за усогласеност ГРЕКО го усови и објави во 2021 година.
Во заклучоците на ГРЕКО се заклучива дека земјава е во „недоволна усогласеност“ со препораките во Извештајот од петтиот круг на евалуација и го поканува шефот на Деелгацијата на Северна Македонија да достави извештај за напредокот во имплементацијата на останатите препораки што е можно поскоро, но не подоцна од 30 јуни 2024 година.
Петтиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на „Спречување на корупцијата и промоција на интегритетот кај централната власт (лица на кои им се доверени највисоките извршни функции – ЛНИФ) и органите за спроведување на законот (ОСЗ)“.
Така, во однос на носителите на највисоки извршни функции, според ГРЕКО забележани се неколку позитивни случаи.
„Воспоставени се процени на ризикот по интегритетот и редовни евалуации на влијанието на мерките за интегритет во централната власт. Ресурсите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се зајакнати, но сѐ уште не се со целосен оперативен капацитет“,
се наведува во заклучоците.
Според ГРЕКО, Државната комисија за спречување на корупција игра најпроактивна улога во обезбедувањето лидерство во борбата против корупцијата.
Издадени, се наведува понатаму, дополнителни упатства за носителите на највисоките извршни функции за примање подароци, лобирање и упсравување со судири на интереси.
„Членови на Владата се обучени за Етичкиот кодекс, судири на интереси и други прашања поврзани со интегритетот“,
се наведува во извештајот.
ГРЕКО оценува дека системот за надзор над изјавите за имотна состојба и интереси е подобрен, вклучително преку развој на нов софтвер кој овозможува поефикасни вкрстени проверки на податоците.
„Потребни се повеќе напори за да се процени адекватноста (ефективноста, пропорционалноста и ефектот на одвраќање) на тековниот систем на санкции за судири на интереси и други повреди поврзани со интегритетот“,
се додава во извештајот.
Во однос на агенциите за спроведување на законот, односно полицијата, во извештајот се наведува дека е забележан тековен напредок, пред се со измените и дополнувањата на законите за внатрешни работи и за полиција од април 2022 година.
„Тие, меѓудругото, предвидуваат обврска за поднесување изјави за имотна состојба и интереси за сите работници во МВР, забрана работниците да бидат членови на политичка партија или на тело на политичка партија, нов тест за интегритет, чијашто ефикасност допрва треба да се процени во пракса и утврдување на објективни и професионални критериуми за именување на Директор на Бирото за јавна безбедност (Началник на полиција)“,
се наведува во извештајот.
Според ГРЕКО, извршен е и преглед на ранливостите и ризиците поврзани со корупцијата во полицијата, но, се оценува дека се неопходни дополнителни активности за да се зајакнат механизмите за внатрешен и надворешен надзор над полицијата и да се обезбеди оперативна независност и политичка неутралност на полициските сили не само во од аспект на легислативата, туку и во пракса.
ГРЕКО, како што се наведува во документот очекува да добие ажурирани информации за тоа како новововедените и планираните мерки за заштита на укажувачите значително ја зајакнале имплементацијата на законодавната рамка во пракса, вклучително и преку шеми на пријавување.
Задоволително имплементирани препораки
Според извештајот, задоволително се имплементирани препораките за систематско спроведување на проценката на ризик на интегритетот кај централната власт што ги опфаќа сите функционери, лични советници и надворешни соработници; за практично спроведување на Етичкиот кодекс за лицата кои вршат највисоки извршни функции, како и за воведување правила со кои ќе се регулираат интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки и редовно објавување на таквите контакти.
Како задоволително имплементирани, ГРЕКО ги оценува и препораките за надополнување на правилата за ад хок откривање и управување со случаи на судир на интереси со практични упатства и мерки; за усвојување на политики за спречување на корупцијата и за интегритет за полицијата; за воспоставување на релевантен механизам во рамки на полицијата за управување со ризиците од корупција; за ревидирање на Кодексот на полициска етика и систематско подигнување на свеста на полицијата за неговите содржани; за воспоставување објективни и професионални критериуми за назначување на директорот на Бирото за јавна безбедност, како и за анализирање на потребата од воведување на обврска за пријавување на имот/интереси од стана на највисокото раководство и/или одредени позиции во полицијата, со цел да се воведат такви правила.
Делумно имплементирани препораки
Како делумно имплементирани се оценети препораките за измена на владините правила со цел да се обезбеди имињата и функциите на сите присутни на владините седници, поткомитети и работни групи, вклучувајќи ги и третите лица, да бидат јавно достапни на интернет; за поедноставување на правилата за прифаќање на подароци од страна на лица кои вршат највисоки извршни функции; за зајакнување на надзорот во однос на изјавите за интереси и имот на лицата кои вршат највисоки извршни функции во Владата; како и за обезбедување доволна оперативна независност на полицијата во однос на МВР и преземање релевантни мерки со цел полицајците во пракса да ги извршуваат своите функции на политички неутрален начин.
Според ГРЕКО, делумно се имплементирани и препораките за почитување на принципите на компетентност и транспарентност при регрутирањето полицајци и проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата; за воведување објективни и транспарентни критериуми и процедури за периодични проверки на интегритетот на полицискиот персонал; за обезбедување на автономија и независност од несоодветно влијание на механизмот за внатрешна контрола на полицијата; за соодветно ниво на транспарентност на расположливите механизми за надворешен надзор на полициските сили; како и за зајакнување на мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата.
Единствената неиплементирана препорака
Единствено неимплементирана, според ГРЕКО, е препораката за анализа на практичната примена на системот на санкции во однос на прекршување на правилата/легислативата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција и обезбедување „дека санкциите се ефикасни, пропорционални и одвратувачки“.
Целиот извешштај на ГРЕКО можете да го прочитате на следниот ЛИНК.