Грета Тунберг доби награда за хуманост

Грета Тунберг ја доби наградата за хуманост на португалската Фондација Гукбенкијан, а со неа и награда од милион евра, јави ДПА .

Шведската еколошка активистка (17 ) ја доби наградата за нејзината борба против климатските промени и еколошките кризи, се наведува во денешното соопштение на фондацијата.

Тунберг својата благодарност ја изрази на Твитер. „Ова многу ми значи, и се надевам дека ќе ми помогне да направам повеќе добрини во светот“, наведе таа во видеото објавено на нејзиниот налог на социјалната мрежа, пренесе германската агенција.

Активистката, која е прва која ја прима оваа награда, беше избрана меѓу 136 номинирани од 43 земји.

Претседателот на жирито, Хорхе Сампајо, кажа дека мнозинството членови на жирито гласале за Тунберг.

Тој го истакна „ начинот на кој Грета Тунберг успеа да ги мобилизира помладите генерации за климатската кауза, како и нејзината решителна борба за промена на статус кво-то што тврдоглаво се спротивставува на промените, што ја прави една од најнеобичните личности на денешнината“.

Тунберг рече дека паричната награда ќе биде донирана преку Фондацијата Тунберг на организации и проекти што работат за борба против климатските промени и еколошката деградација, особено на југот, каде луѓето се најмногу погодени, пренесе ДПА.

Back to top button
Close