Грип подтип А, кој повеќе ги погодува децата, брзо се шири во Албанија

Директорот на Националната служба за итни состојби, Скендер Братај, алармираше за брзото ширење на подваријанта А на вирусот на грип, која најмногу ги погодува децата.
-Во Албанија циркулира нов подтип на грип А, кој се шири побрзо и предизвикува зараза на повеќе луѓе за кратко време. Посебноста на овогодинешната сезона на грип е фактот што таа почна 3-4 недели порано, во споредба со претходните години, не само во Албанија, туку и во Европа, рече Братај.
Дообјасни дека оваа сезона има нов подтип на грип А, H3N2, кој е подваријантата К, и е „повирулентен во ширењето и предизвикува повеќе инфекции за пократко време”.
-Друга карактеристика на овој тип е фактот што многу деца имаат послаб имунитет, во смисла дека не се сретнале со овој подтип, и секако тоа е нова работа за децата кои за првпат се заразени со грип. Значи, инфекцијата се шири побрзо кај нив, тие наоѓаат имунитет речиси нула или многу низок во споредба со оние кои го имале грипот, а сега се возрасни, посочи Братај.
Поради брзото ширење на грипот, тој не ја отфрла можноста да предложат прекин на наставата во училиштата, како што тоа е сторено во училишта во Англија и Ирска.






