Грковска: Македонија подобра од лани во борбата против корупцијата

Проценетата вредност на перењето пари во светот, според последните статистички податоци, е од два до пет отсто од светскиот БДП, посочила Грковска додавајќи дека Северна Македонија не е имуна на овој феномен и се соочува со голем предизвик во борбата против овој криминал

Како особено значајна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење ја истакнала подготовката на законското решение за потекло на имот, што ќе биде од големо значење за идентификување и одземање имот за кој не може да се утврди потеклото и значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и сите видови економски криминал

Во 2021 година е забележано значително подобрување во процесирањето на случаите за перење пари, оцени вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, која учествува на дводневната завршна конференција што се одржува во Будва, Црна Гора, за проектот „Акција против економскиот криминал“, што се спроведува во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција, соопштија денеска од нејзиниот кабинет.

„Значително подобрување е забележано во процесирањето на случаите за перење пари во 2021 година. Поднесени се вкупно 12 кривични пријави против 61 лице, пет обвиненија против 15 лица, седум пресуди за 16 лица и две правосилни пресуди за две лица. Овие подобрувања се резултат на работата на националните власти и нивната посветеност, но треба да се оддаде признание и за работата на Акцијата против економскиот криминал во изминатите шест години“ нагласила Грковска.

Проценетата вредност на перењето пари во светот, според последните статистички податоци, е од два до пет отсто од светскиот БДП, посочила Грковска и додаде дека Северна Македонија не е имуна на овој феномен и се соочува со голем предизвик во борбата против овој криминал.

Според вицепремиерката, усвојувањето на Закон за борба против перење пари и финансирање тероризам, чија имплементација веќе започна и кој е усогласен со најновите меѓународни стандарди и директиви на Европската Унија (ЕУ), како и подготовката на новиот Кривичен законик кој е во завршна фаза, се клучни за подобрување на системските мерки во борбата против организираниот криминал и тероризмот.

Грковска потенцирала дека поддршката и помошта што Советот на Европа и ЕУ и ја даваат на земјава, за подобрување и развој на системи и практики на добро владеење, е од клучно значење.

„Верувам дека оваа плодна соработка ќе продолжи и во наредниот период“ рекла вицепремиерката.

Таа оценила дека заедничката работа преку овој проект овозможила низа активности, како што се Националната проценка на ризик од перење пари и финансирање на ризици од тероризам, како и изготвување Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот.

Она што произлегло од заедничката соработка, а како што посочи Грковска е многу значајно, е подготовката на законското решение за потекло на имот.

„Ова законско решение кога ќе се донесе ќе биде од големо значење за идентификување и одземање на имот за кој не може да се утврди потеклото и значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и сите видови економски криминал. Очекуваме поддршката од Советот на Европа и Европската Унија да продолжи во оваа активност, со цел успешна имплементација на овој закон“ потенцирала Грковска.

Back to top button
Close