Грковска: Мора цензус за избор на шеф на ОЈО ГОКК, за да не нѝ се случи тој да биде избран со само еден глас

Не може да има генерални услови за избор на сите судии и обвинители, туку треба да има специфични критериуми во зависност од тоа за во кој суд и за во кое обвинителство ќе бидат бирани, изјави денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, одговарајќи на новинарски прашања во рамките на регионалната конферернција за борба против корупција што се одржува во Скопје.

Изјавата на Грковска беше во контекст на прашања поврзани со нејзиниот судир со државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој реагирајќи на личен став на вицепремиерката во врска со резултатите од неговата работа, преку писмено соопштение оцени дека функцијата која таа ја извршува е непотребна.

Таа истакна дека сите активности што ги презема нејзиниот кабинет завршуваат со исход, односно со заклучоци кои потоа се реализираат, без разлика дали се поврзани со планот на кабинетот или станува збор за „ад хок настани“.

Како пример за еден таков „ад хок настан“ кој бил разгледуван од нејзиниот кабинет, Грковска ги спомена спогодбите на Обвинителството со тројцата обвинети во случајот „Империја“ – Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков и Ненад Јосифовиќ, кои понудија големи суми на пари во замена за минимални, речиси безначајни казни.

Грковска го спомена овој случај без да споменува имиња, но јасно алудирајќи за кои лица и за кои спогодби станува збор.

„Сакам да истакнам дека реагираме не само и според она што сме го предвиделе во планот на кабинетот туку и на ад хок настани како што беше меѓудругото спогодбата на обвинителството во три случаи бидејќи сметавме дека е тоа поразително како порака во општеството кон младите луѓе и затоа веднаш ја организиравме заедно со министерот за правда, состанок со обвинители судии универзитетски професори, невладините организации, медиумите да видиме каде се слабостите во системот, а тоа е она што како владата треба да го направиме и тоа е и улогата на кабинетот за политики за добро владеење да ги детектира системските слабости заедно со сите да наоѓа начини како тие да се премостуваат. Беше една прилично искрена и отворена дискусија каде што нотиравме на што ќе се фокусираме во наредниот период“,рече Грковска.

Друг случај, кој бил разгледуван и за кој биле донесени заклучоци од владиниот кабинет за политики за добро владеење, што го наведе Грковска, без повторно да кажува имиња, но јасно давајќи до знаење за кого зборува, е изборот на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Вицепремиерката посочи дека ќе мора да се интервенира не само во правилниците и подзаконските акти, туку во, одредени случаи, и во самите закони, за да не се случи во иднина да имаме „прилично интересни резултати“ при изборите за шеф на ОЈО ГОКК.

Како една од клучните измени што треба да се направат е при изборот да се воведе цензус, односно праг на излезност на изборите, под кој тие бие се сметале за неважечки.

Како што е сега, рече Грковска, во иднина може на избори да излезе само тој што е кандидиран , да гласа за себе и да биде избран.

„Не може да има генерални услови и за обвинителството за организирана криминал. Таму треба да бидат обвинители со искуство, кои што имаат веќе рекорд на успешни случаи од областа на организиран криминал и корупција, во смисла на тоа дека треба да се фокусираме кон правилници и подзаконски акти, меѓутоа и закони како што е тој за Судскиот совет и на Советот на обвинители кои што можат да се изменат со просто мнозинство, а има начини како се подобрат решенијата во постојните закони, а кои што предизвикуваат слабости во функционирањето. За двотретинските закони во кои е практично дефиниран условот за избор на Јавен обвинител за тоа ќе треба политичка волја и зрелост и од опозицијата заради тоа што знаете какви беа реакциите (за изборот на Ислам Абази н.з.) од законски аспект – изборот е во ред меѓутоа без немање цензус без немање други услови при избор ние ќе можеме да се соочиме во иднина без разлика на можноста на обвинителите на непосредни избори да одлучуваат кој ќе го води тоа обвинителство да имаме прилично интересни избори во иднина. Може да се случи само тој што е кандидиран да излезе да гласа за себе и да биде избран“,изјави Грковска.

Back to top button
Close