Грковска: Недопустливо е тоа што Ислам Абази го нема во јавност да каже што работи ОЈО ГОКК
Грковска ваквиот став го кажа во интервју за емисијата „Трилинг“ емитувано вечерва, прашана дали можеби не е симптоматично што ОЈО ГОКК досега не се огласило во врска со случајот што го обелодени Управата за јавни приходи (УЈП), односно нејизната директорка Сања Лукаревска за неколку компании од нафтениот бизнис кои сакале да го изиграат системот преку затајување данок.
„Сметам дека Обвинителството за гонење на организиран криминал треба веднаш да отвори случај. Недопустливо е г. Абази откако е избран да го нема во јавноста воопшто. Не сме го виделе да излезе да ѝ соопшти на јавноста што работи Обвинителството за гонење на организиран криминал, дали има завршено некои случаи, кои случаи, да ја информира јавноста за тоа. Не за текот на постапката, затоа што се рабира тоа се осетливи детали кои не би смееле да се изнесуваат, меѓутоа кога веќе еден дел е завршен и предаден во судот би било добро за граѓаните, заради тоа што ние сите ги плаќаме обвинителите и судиите“ вели вицепремиерката.
Затоа, додаде таа, и реагирала за начинот на избор на шеф на ова Обвинителство, затоа што смета оти е „недопустливо да имаме исти критериуми за избор во различни обвинителства“.
„За во организиран криминал, особено за таа позиција сметам дека треба да има докажано досие на случаи, на успешно завршени случаи во тој сегмент, од пет – десет години, за да може да го води тоа обвинителство“ кажа Грковска.
Според неа мора да се воведе мерит систем (систем на избор според заслуги) кој ќе ја покажува успешноста на судиите и обвинителите.
„(Мерит систем) едноставно мора да има. Ние имаме и рокови во кои што мора да се постапува, шест месеци, најмногу 18 месеци продолжување на истрагата, меѓутоа ние не сме виделе досега некој да излезе и да каже дека тој и тој обвинител го држи предолго предметот и за тоа ќе подлежи на дисциплинска комисија, ако има елементи на кривично дело да одговара кривично. Јас сум сигурна дека доколку се најде некој храбар во обвинителските и во судските органи да покрене кривична постапка, се разбира доколку има сериозна аргументација за обвинители и судии коишто се во синџир на корупција и организиран криминал и доколку успешно заврши таа постапка, дури тогаш ние можеме да зборуваме дека граѓаните ќе почнат да ја враќаат довербата во правосудниот систем и генерално во институциите“ рече вицепремиерката во интервјуто.
На директно прашање од својот домаќин, на почетокот на разговорот, дали има информации за тоа кој вршел притисок врз претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, како и врз самиот Суд, Грковска рече дека нема такви информации, додавајќи оти очекува од судиите да имаат поголема храброст и интегритет јавно да ги посочат имињата на оние кои што вршеле притисок.
„Јас реагирав кога имаше вакви изјави од страна на претходни претседатели на Судскиот совет заради тоа што очекува од судиите да имаат поголема храброст и интегритет да ги посочат јавно имињата на тие кои што вршеле пристосок и уште повеќе да поднесат пријава за вршење на таков притисок затоа што тие точно ја знаат процедурата доколку некој се заканува или врши притисок на каков начин тоа да го институционализираат. Вака ние се соочуваме со поранешни претседатели на Судскиот совет, со актуелна претседателка на Врховен суд со обвинувања за политички притисоци, за политички – бизнис притисоци, меѓутоа останува на тоа, немаме реакција од нивна страна, уште повеќе што во Судскиот совет продолжија да бидат членови. И тоа што разочарува е што нема конкретна и суштинска институционална процедура за ваквите обвинувања. Ние не смееме тоа да го прифатиме“рече вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
Грковска вели дека од својата позиција нема моќ за да направи драстичен рез, но оти го дала максимумот од тоа што и стои на располагање, одговарајќи на прашањето дали лично не чувствува одговорност по пораките кои доаѓаат од меѓународните партнери, како неодамнешната на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека во земјава две години нема никаков напредок во делот на владеењето на правото и дека мора да се отстранат политичките притисоци врз судовите.
Според неа чесните судии и обвинители треба да бидат оние кои самите ќе се изборат и да најдат механизам да ја изолираат „онаа мала група на луѓе која што фрла црно петно“ на правосудството во земјава.
„Активностите што ги имавме беа да се поттикнат и да се охрабрат чесните судии и обвинители коишто се во значителен број самите да се изборат и да се скрши таа солидарност која што ја има помеѓу колегите. Заради тоа што самите од внатре, не само во правосудниот систем, туку и во другите фели, самите од внатре треба да најдат механизам како да ја изолираат онаа мала група на луѓе која што фрла црно петно и во суштина ни го руши целото општество. За жал, не сум истражен орган, не сум обвинител, не сум судија. Од оваа позиција ја немам таа моќ да бидам сè во едно и да правам драстичен рез, меѓутоа сум го направила максимумот од тоа што мене ми стои на располагање и не сум размислувала два пати за да реагирам на ваквите случувања. Јас не мислам дека единствените виновници се во правосудниот систем, меѓутоа најслабата алка и тоа секогаш го зборувам, се покажало дека е правосудниот систем…Со плашливи луѓе не може да има успех во оваа битка. И со калкуланти исто така. Ако калкулирате однапред дали ако преземете нешто согласно закон можете да имате последици или не, или како тоа ќе се одрази на вашата кариера тогаш подобро одете си од таа позиција, вклучително и од мојата“.