Грковска за ставањето на Анѓушев на „црната листа“ на САД: Очекувам институциите да ги преземат неопходните мерки согласно укажувањата

Главната обврска е на домашните институции, но секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Вака вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење Славица Грковска денеска ја искоментира одлуката на САД да го стават бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев на „црна листа“.

Таа напомена дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД.

„Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“ изјави Грковска одговарајќи на новинарско прашање на маргините на Отворен форум за антикорупција.

Стејт департментот вчера го стави Анѓушев на „црна листа“ поради неговата вмешаност во значителна корупција и го означи како генерално неподобен за влез во САД.

„Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“се наведува во одлуката на Стејт департментот.

Забрана за влез во САД добија и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите деца, Ангел и Огнен.

По ова, со објава на социјалните мрежи се огласи и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер. Таа порача дека означувањето на Анѓушев и на неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги „санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот“.

Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.

Во реакцијата тој посочи дека во текот на неговиот мандат во Владата на Република Северна Македонија од 2017 до 2020 работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата и во интерес на македонската економија и на демократските принципи.

„Јас имам фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и сум американски даночен обврзник, односно јас плаќам данок во Соединетите Американски Држави и сум партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД“,вели тој меѓудругото во реакцијата.

Пред неполн месец, на американската „црна листа“ се најдоа и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Back to top button
Close