Грозданов: Рударството е натпартиска работа, овие проекти мора да бидат надвор од дневната политика

„Дали постои друг пример во светот каде највисоката академска институција може да напише и да промовира стратегија со која ја брани застарената технологија од 70-тите години на минатиот век за сметка на модерна технологија од 21 век, со заклучок дека старите рудници во Македонија може да опстојуваат, а новите се штетни?“ – оваа дилема ја покрена аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во колумната „Од кого зависи македонскиот благодет!?“. Тој во повеќе наврати потенцира дека треба да се овозможуваат инвестициите во рударството кои се во согласност со законските процедури и прописи, а не да се спречуваат. Во оваа насока Грозданов реагираше и за стратегијата на МАНУ, која индиректно ја попречи инвестицијата во рудник за бакар во Иловица.

-Дали постои научно образовна институција и законодавен дом кои координирано ќе донесат закон дека може да постојат само стари рудници и за нив подготвени наоѓалишта, а во случајов МАНУ ќе потврди дека е така? Не. Само во Македонија. Никаде на друго место. Министерката Каја Шукова треба да и објасни на јавноста со кои мотиви му се спротистави на својот колега во Владата, министерот за економија Крешник Бектеши, кој заради спојувањето на концесиите за рударскиот комплекс Иловица – Штука, беше брутално скандализиран заедно со веќе видените напади поврзани со неговата етничка припадност. Да објаснам. Крешник Бектеши е еден од неколкутемина министри за економија од различни политички партии кои потпишаа директни 800 милиони евра инвестиција онаму каде живеат Македонци. И тоа не само во Струмица – рудникот Иловица (360 милиони), туку плус и во Валандово во рудниците Казандол и Плавуш (100 милиони) и Петрошница, Старо Нагоричане (380 милиони и повеќе). Толку околу приказните дека му било лесно на Бектеши да одлучува за средини каде не живеат Албанци. Демек, ваму ќе се труеле Македонци, а не Албанци. Многу вешто смислено, бидејќи емотивно погодува во целта и веднаш ја замаглува диоптријата за разумно анализирање на економските ефекти од новите рудници, пишува Грозданов.

Аналитичарот ги појасни и постапките по научна основа за експлоатирање рудни наоѓалишта, преку кои еден министер за економија, во случајов Бектеши, се заложил за спојување на концесиите за Иловица-Штука:

-Истражување и извидување за утврдување на местоположбата, големината и вредноста на лежиштата; Проценка на ресурсите со математички пресметки за количината и класата; Изготвување на претпроектна студија со цел да се утврди теоретската стопанска корист од рудникот. Со ова се одредува дали треба да се вложува во понатамошни истражувања и се востановуваат главните ризици што би произлегле од тоа; Изготвување на проектна студија за финансиската исплатливост, техничката изводливост и финансиските и техничките ризици. Во овој момент се решава дали проектот треба да оди понатаму или да се напушти. Тука се смета на планирање на рудникот со моделирање на искористливиот дел, металуршките процеси, пазарната побарувачка и вредност на рудата, трошоците на инженерските и техничките работи и инфраструктурата, финансиските услови и анализа на животниот век на рудникот. Потоа, проценка на влијанието врз животната средина; Градежни работи, поставување на инфраструктура и вградување на опрема; Работа со рудникот (експлоатација) и Рехабилитација на земјиштето за негова поинаква употреба во иднина, појаснува Грозданов.

Според инженерот, рударството е натпартиска работа затоа што имплементацијата на секој нов проект во овој сектор опфаќа повеќе мандати на различни Влади и овие проекти мора да бидат надвор од дневната политика и не се теми на кои се печалат гласови со предизборен популизам.

-За одредени одлуки е потребна политичка храброст особено ако надлежните имаат способност да гледаат подалеку во иднината. Во Македонија живееме еден парадокс. Власта и клучните политички фактори стравуваат да застанат зад проекти кои ќе и овозможат на државата да стане економски независна. Апсурдот да биде поголем, клучните индивидуи самите дозволуваат да станат заложници на неколкумина лажни еко активисти кои прават привид дека зад нив стојат илјадници граѓани. Или, можеби така им одговара за да не носат тешки одлуки во нивниот мандат. А пустото, еве на пример, во Струмичката котлина, особено во руралните средини, се помалку млади може да се сретнат, затоа што повеќето се иселени во туѓина во потрага по егзистенцијата, нагласи Грозданов.

Тој смета дека т.н. лажни еко активисти имаат скриена агенда.

-Тие искрено не се борат за здрава животна средина. Тие одработуваат за задржување на „статус кво“ состојба од која некој дебело профитира, а и малкумина од овие се задоволни, бидејќи им дозволуваат да стават по некое прсте во кајмакот. Затоа и оваа колумна се занимавав со Министерката за животна средина. Не затоа што сум опседнат со неа (скраја да е), туку затоа што нејзиното поведение е типичен пример за политички страв или стручна неукост која многу скапо го чини ова општество, пишува Грозданов.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close