Гроздобер
Ново-старата влада го започна мандатот во гроздобер. Може да го собере најубавото грозје, а може да се најде и во небрано грозје. Тимот им е уигран, системот е ист, тактиката проверена, стратегијата договорена пред изборите.Тие и не требаа да се одржат. Причини има многу, не помалку од аналитичарите кои секојдневно мудруваат на оваа тема. Ништо не е ново, па и кршење на Уставот со новата функција, Прв вице-премиер. Сега ние добиваме нов идеолог, М. Суслов, и тоа Албанец, сива еминенција на претседателот на владата. Непотребна функција како и вице-премиерот за борба против корупција. Пред да застанам со анализата на новите вице-премиери и министри да ја цитирам само изјавата на новата политичка звезда во Монтенегро, Дритан Абазовиќ, Албанец од Улцињ, кој по победата на опозицијата изјави, дека лично, а и неговата партија Обединета реформска акција како дел од коалицијата “Црно на бело”, “ќе се залага единствено за националните интереси на Црна Гора”. Направете споредба со нашиов А.Груби, прв вице-премиер за политички систем и односи меѓу заедниците (етнички). Бај де веј, дали некој објасни во кое својство вице премиерот на СРМ беше во Приштина во придружба на сведокот А.Ахмети кој даде изјава пред Специјалното обвинителство за воени злосторства. Првиот вице-премиер го прими во проштална посета и амбасадрот на ЕУ, Жбогар, веројатно поради консензуалноста, во која прилика даде и соодветен сувенир, кој одговара и на неговата функција како одговорен за односите меѓу заедниците. Тука ќе застанам зада се посветам на популарниот changing помеѓу Б.Османи, поранешниот вице-премиер, а сега МНР и Н.Димитров, поранешен МНР, а сега вице премиер за европски прашања. Првиот е лекар, а вториот кариерен дипломат. Никогаш во историјата на Југославија, од 1918 до денес, од 28 министри за надворешни работи ниту еден не бил лекар. Но, тоа е само сува статистика. Не значи дека лекар не може да биде успешен МНР, како што може да биде истовремено и добар писател (мои фаворити Чехов, Пастернак, Јалом). Се разбира дека доктори на науки имало повеќе, ама не и од медицина. Дереџето на нашата надворешна политика е на такво ниво, да тешко може да помогне и еден искусен хирург, и макар што дијагнозата е позната. Конзилијумот во МНР нема многу да му помогне.
Премиерот кај нас не прави кабинет. Кабинет (министри) ги прават лидерите на коалиционите партии, со проверени левантски критеријуми, овде усовршени до перфекција.Такво ни е поднебјето. Секој коуч прави тим екипата да победи. Нашите прават тим да останат во власта. Играчите не се важни. Добро се платени и стимулирани. Премиерот доколку имаше одрешени раце во процесот на извршеното намалување на ресори, можеше да ги спои ресорите за надворешни работи и за европски прашања. Со тоа се постигнува намалување на едно министерство, и што е позначајно, се избегнува неизбежен судир на надлежностите на вице-премиерот за европски прашања, сепак статусно и со протоколниот пресеанс привилегуван, во однос на министерот за надворешни работи. Всушност ваква практика веќе постои во многу држави во ЕУ. Но тоа кај нас е невозможно. Конзензуалниот модел на прв поглед изгледа демократски, но тој во основа води кон поделби. Консензуалното одлучување се одомаќи и со именувањето на првиот вице-премиер. За досегашниот МНР Димитров, новата функција значи релаксација и оддалечување од запуштеното МНР. Ќе избега од секојдневните афери на своите најблиски соработници, а полека се привикнува и да не патува секојдневно поради познатиот антипатувачки вирус. Му останува главната дестинација – Брисел. Повеќе не мора да се лобира да почнеме преговори. Кога да е ќе ги започнеме. А тогаш не помагаат лелекања и плачења над проклетата судбина, дека ЕУ не не сака. Топката ќе биде на нашата страна. СЕП и главниот преговарач се само техничка поддршка во преговорите.Товарот е на домашните институции и министерства кои треба да испорачат суштински резултати. Титулата вице-премиер за ЕУ прашања не го зголемува рејтингот на нашиот преговарачки тим. Политички нема повеќе никакви проблеми да ги почнеме преговорите. Одговорноста за текот на прегововорите е на премиерот на нашата влада. Досегашниот ЕУ вице-премиер беше често дел од двоецет со кормилари по прашањата за ЕУ интеграцијата. Задачата им беше политичко лобирање за добивање на дата за преговори, која наводно одавно ја заслуживме. Сега немаме таков проблем. Треба да се смени досегашната агенда на нивното ангажирање. Да почнам со новиот вице премиер за ЕУ. По инерција , а и по функција не ќе може да се откаже од дипломатијата, за која тврди дека и го посветил целиот свој работен век. Во новата функција нема дипломатија.Таа е менаџерска, пред се. Мора да се концентрира на ефикасноста на конкретните преговори со експертите од Комисијата на ЕУ. До сега ниту еден поранешен МНР од ткн. “нови членки” на ЕУ не бил на чело на институцијата надлежна за преговори со Комисијата на ЕУ. И тука сме први, што не мора да значи дека сме погрешиле. Мојот став е дека беше подобро, ако веќе не се спојуваат функциите, секој да останеше на своите позиции. Давам и очекувано образложение. Лекарот Османи веќе подолг период е во локалната политика.Три години како министер за здравство и последните три години како вице-премиер за европски прашања. Познато му е како функционираат коалициите во кои секако мора да биде неговата партија. Така беше и овој пат. Имаше доволно време да се запознае како функционира ЕУ. Имаше време да види и како не набљудува ЕУ, без оглед на профилот на нивните амбасадори во Скопје. Лекарот Османи, што би рекол протераниот од Монтенегро, владиката П.П. Његош, доваѓа на новата функција ” во зло доба кад му време није”. Да се биде МНР во ова време не е нималку лесно.Охрабрува тоа што новиот МНР е свестен што го чека и да притоа не покажува симптоми на страв. Неговиот говор на телото потврдува дека амигдалата , тој “емоционален термостат” функционира беспрекорно, што за еден хирург е неопходно потребно, а и корисно за идниот МНР. Искуството како вице-премиер за ЕУ прашања било повеќе политичко (доказ дека функционираме како мултиетничко општество), отколку дипломатско. Сега влегува меѓу дипломатски ајкули.
Лекарот Османи седнува на министерското столче во палата Сарафов во сложена меѓународна ситуација. Да наведам неколку точки. Ситуацијата во регионов, односи Белград- Приштина, исправување на крива Дрина во Босна, ситуација во Бугарија и нејзиниот иден став околу почеток на нашите преговори, имплементација на договорот, односи Грција-Турција, Белорусија, повлекување на А.Меркел, растење на амбициите на Макрон, Обединетото Кралство после егзит, односите Брисел-Вашингтон околу нашиов регион, нова влада во Црна Гора, нови моменти во признавањето на автокефалноста на МПЦ, односите Кина-Индија, ситуација на Блискиот Исток, Руско влијание во регионов, бегалска криза, избори во САД, економска рецесија како последица на ковид и др. Освен што разменија знаменциња на ЕУ како круцијален доказ дека двајцата се на истиот пат, што друго му остави во аманет стариот МНР. Новиот МНР ќе направи грешка ако се разлета по светот, а пред тоа, не ги среди работите во самото МНР, односно да ги запознае сите катакомби внатре и несредените работи во ДКП, како и да ги сослуша фрустрираните дипломати. За тоа му е потребно време. Му предстоји тежок период. Good luck Your Excelency. Хируршкиот скалпел добија нова функција, остранување на малигното ткиво во ресорот на надворешни работи. Секако здравствоото ќе биде во загуба.
Новиот вице-премиер за ЕУ прашања влегува во мирни води овенчан со слава на агрименмејкер. Европскиот договор со Комисијата на ЕУ секако друг ќе го потпише. Ќе му недостасува динамиката на патувањата и честите средби со своите долгогодишни колеги.Тие не можат да му бидат од голема полза. Од реализатор на надворешната политика, станува двостран контролор и координатор.Од една страна на СЕП, а од втора страна на институциите надлежни да испорачат резултатити. Тука е и главниот преговарач кој треба консензуално да се определи. Процесот за почеток на преговори тече, макар што од Брисел како да исчезнува употреба на терминот – проширување на ЕУ. Но еден ден во декември (К.Монтено) ќе се одржи и првата меѓувладина конференција, кога на европскиот семафор ќе се појави зелено светло. Гроздобер започна. Доброто вино ќе стаса точно на време да се прослави членството во ЕУ. До тогаш, драги преморени читатели ви го честитам осми септември денот на независноста.
Ѓорѓи Мисајловски