Груби му посака на Османи добра координација со огранокот на ДУИ во Чаир

Во објавата на Фејсбук, првиот вицепремиер на министерот за надворешни работи му посакува успех во новата партиска функција и добро координирање на активностите на ДУИ во огранокот во Чаир. Ова следува откако вчера во медиумите се рашири информацијата дека партискиот лидер Али Ахмети наводно го назначил Османи на функцијата координатор за политички процеси во чаирскиот огранок на ДУИ

Првиот вицепремиер Артан Груби синоќа во објава на Фејсбук му ја честиташе новата партиска функција на неговиот сопартиец и министер за надворешни работи Бујар Османи.

Во објавата, Груби на Османи му посакува успех и добро координирање на активностите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во огранокот во Чаир, откако вчера во медиумите се рашири информацијата дека партискиот лидер Али Ахмети наводно го назначил Османи на функцијата координатор за политички процеси во чаирскиот огранок на ДУИ.

„Покрај онаа на претседателот, Бујар ја има и мојата поддршка во овие напори за повторно активирање на структурата во Чаир по три години отсуство на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во огранокот. Ве повикувам сите да се придружите со сите ваши идеи и акции за посилна и пообединета ДУИ во Чаир“пишува Груби на Фејсбук.

Вчера во дел од медиумите првично се појави информација дека претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“, е разрешен од оваа функција на инцијатива на лидерот на партијата Али Ахмети. Ваквата информација Меџити ја демантираше.

„Не сум разрешен. Јас сум избран во легална процедура и низ редовна кампања и имам мандат како претседател на огранокот“изјави вчера Меџити.

Сепак, според информациите во дел од медиумите, наводно не станува збор за смена на Меџити од претседателската функција во чаирскиот огранок, туку за поставување на Османи на функцијата координатор за политички процеси во огранокот на ДУИ.

Коментирајќи во оваа насока, Меџити вчера изјави дека таквата одлука е смешна и нелегитимна, бидејќи според Статутот на партијата не постои функција „координатор за политички процеси“ и за такво нешто не се дебатирало во ниту едно партиско тело.

Меџити демантира дека е разрешен од претседател на огранокот на ДУИ во Чаир

Back to top button
Close