Груби му преведувал на Хашкиот трибунал за „Жолтата куќа“, а не во неа

Сето ова е дел од предизборна кампања во Албанија, тврди вицепремиерот Груби негирајќи дека е повикан во какво било својство од Хашкото обвинителство во врска со обвиненијата за водачите на ОВК од Косово.

   

Првиот вицепремиер, Артан Груби

Вицепремиер Артан Груби потврди дека преведувал за Хашкиот трибунал, но негира каква и да е поврзаност со озлогласената „Жолта куќа“ во близина на албанскиот град Бурел. Тој негира дека е повикан во какво било својство од Хашкото обвинителство во врска со обвиненијата за водачите на ОВК од Косово.

„Работев за Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година и во албанскиот град Бурел бев заедно со иследникот на Хашкиот трибунал, по претходни наводи за наводни злосторства таму и се утврди дека нема никаков случај“, вели Груби во изјава за медиумите. Тој не гледа ништо спорно во неговиот ангажман. „Сите знаат дека сум работел во Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година во канцеларијата на обвинителката како преведувач и тоа сум работел на истраги и во Македонија, Косово, Албанија, во Црна Гора и Србија и нема ништо спорно во мојот ангажман“, дециден е Груби.

Повеќе медиуми, меѓу нив и неколку во Северна Македонија, пренесоа дека Груби бил ангажиран како преведувач во „Жолтата куќа“ сугерирајќи на тој начин, дека тој бил директно инволвиран во случувањата во неа.

„Жолтата куќа“ ја нема во обвиненијата

„Жолтата куќа“ во време и по воениот конфликт во Косово беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОВК, претежно Срби. За ова злосторство против човештвото пишуваше поранешната хашка обвинителка Карла Дел Понте во својата книга во 2008 година, а случајот освен српското обвинителство го истражуваше и специјалниот истражувач на Советот на Европа, Дик Марти. Обвинението на Специјалниот суд во Хаг против косовскиот претседател Хашим Тачи се темели на извештајот на Марти.

Das Gelbe Haus in dem Dorf Gurre, nahe Burrel im Norden Albaniens, beschrieben im Buch Hunt von Carla del PonteАрхивска фотографија од „Жолтата куќа“ од 2009 година

Прашањето околу ангажманот на Груби се отвора во период кога во Хаг почна судскиот процес против раководството на ОВК кое е обвинето за воени злосторства. На обвинителната клупа се бившиот косовски претседател Хашим Тачи, бившиот спикер Кадри Весели и Јакуп Красниќи, тогашен портпарол на ОВК.

Но,интересно е што, според Груби, „Жолтата куќа“ воопшто не се ни споменува во обвиненијата за косовскиот претседател Хашим Тачи и експретседателот на косовското Собрание. Токму затоа тој оценува дека станува збор за предизборна кампања во Албанија, во која не сака да биде инволвиран.

„Јас бев во Албанија во 2004 година, а наводите за направени злосторства се од 1998/99 година. Бевме таму како дел од истрагата, јас бев асистент на иследникот, но „Жолтата куќа“ воопшто не е дел од обвинението против претседателот на Косово, експретседателот на Собранието, туку други наводни злосторства од 1998 и 1999 година“, вели Груби.

Niederlande Justiz l Kosovos Ex-Präsident Hashim Thaci in den Haag vor GerichtПоранешниот косовски претседател Хашим Тачи во судот во Хаг

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој учествувал и во косовската војна, поради што беше повикан од Специјалниот суд да даде исказ, во интервју за ТВ21 вели дека неговиот најблизок соработник Артан Груби во случајот „Жолта куќа“ бил инволиран како преведувач.

„Јас не сметам дека тој бил истражител. Секако дека ја познавал материјата, бидејќи наивно би било да кажам дека не ја знаел материјата кога работел како преведувач и одреден период работел со луѓе кои ги правеле интервјуата“, изјави Ахмети.

Предизборна кампања и обвинувања

Во Албанија се одвива предизборна кампања и обвинувања помеѓу власта и опозицијата дека наводно лидерот на опозицијата бил дел од истрагата во „Жолтата куќа“, додека работел за УНМИК во одделот за правда. Ангажманот на Груби во Хашкиот трибунал и поврзаноста со истрагата за озлогласената „Жолта куќа“ се најде во средиштето на меѓусебните обвинувањата меѓу власта и опозицијата во Албанија.

Потпретседателот на партијата на Љуљзим Баша, Еди Палока, на прес конференција рече дека Груби бил преведувач, а не лидерот на неговата партија, како што обвинуваа од владејачката партија на Еди Рама.

извор: ДВ

Back to top button
Close