Груби не изјавил дека „настаните од 27 април ги организирал тој со Шекеринска“

„Вистиномер“ со помош на јавно утврдените достапни податоци (видео материјали) утврди дека во 2021 година Артан Груби во својство на прв вицепремиер во тогашната влада, двапати гостувал во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“. Внимателното преслушување на целосниот материјал доведува до заклучокот дека објавата што ја рецензирале е невистинита. Во ниту еден дел од двете гостувања на Груби во „Само Интервју“ тој нема изјавено дека „настаните од 27 април ги организирал тој и Шекеринска“

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во емисијата „Само интервју” од 2021г. Аран Груби потврди дека настаните од 27-ми април ги организирал он и Шекеринска.

„Вистиномер“ со помош на јавно утврдените достапни податоци (видеоматеријали) утврди дека во 2021 година Артан Груби во својство на прв вицепремиер во тогашната влада, двапати гостувал во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“. Првото гостување се случило на 14 мај 2021 година (линк од гостувањето овде), а второто гостување во емисијата во 2021 година му било на 16 декември (линк од прв дел од емисијата овде и од втор дел од емисијата овде). Внимателното преслушување на целосниот материјал доведува до заклучокот дека објавата што ја рецензираме е невистинита. Во ниту еден дел од двете гостувања на Груби во „Само Интервју“ тој нема изјавено дека „настаните од 27 април ги организирал тој и Шекеринска“.

Во двете интервјуа се дискутираат дневно-политички прашања во Северна Македонија како и прашања од надворешната политика, Преспанскиот договор, спорот со Бугарија, евроатлантските интеграции на земјата, дали Северна Македонија и Албанија треба да се разделат на патот кон ЕУ, црвените линии околу спорот со Бугарија, изборни комбинаторики за коалицирање, проблемите во тогашниот состав на државниот просветен инспекторат кои доведоа до смена на тогашниот директор Стојко Пауновски, прашањата за корупцијата, дивоградбите во земјава и законот за дивоградби кој не беше потпишан од тогашниот претседател Стево Пендаровски, туку беше вратен во Собранието на доуредување итн. Меѓутоа, во двете интервјуа никаде не се споменува 27 април освен во еден дел и тоа не директно. Ова може да се види на конкретниот линк од интервјуто од 19 минута и 45 секунда до 20 минута.

Првиот пат имаше упад на 27 април во Собранието кога беше избран Талат Џафери. Вториот пат не беше ни вест. Немаше ниту по порталите. Затоа што стана нормална појава, коментира Груби во интервјуто. 

Во контекст на тоа тој објаснува дека негов став е дека државата не загуби ништо со тоа што Талат Џафери беше претседател на Собранието.

Кога на интернет ќе се пребара наведеното во објавата што ја рецензираме, дека наводно „Артан Групи потврдил дека настаните од 27 април ги организирал тој и Шекеринска“, таква изјава нема никаде.

Инаку, според пресудата, во случајот 27 април 16 лица беа правосилно осудени на затворски казни меѓу 7 и 16 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу осудените не е ниту Артан Груби, ниту Радмила Шекеринска. Шекеринска всушност беше нападната на 27 април. Груби има демантирано шпекулации дека „тој се поздравувал со напаѓачите од 27 април“. Тој во својство на сведок беше повикан во Обвинителството. Неговите јавни излагања секогаш биле со пораки да не се повтори сличен настан.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Извор: vistinomer.mk

Back to top button
Close