Груби: Од САД добиваме реновирања на болници, изградби на патишта и градинки, а од Русија проблеми и провокации

Пред неколку дена зборував за влијанието на Русија, а овој проект е потврда за она што го зборував. Сè што сме добиле од Русија се неволји, проблеми, провокации кои нè оддалечуваат од нашиот пат во Европската Унија. Она што го добиваме од владата на САД е поддршка за нашите ЕУ-аспирации, реновирања на болници, изградба на патишта, детски градинки, поддршка на владеење на правото, проекти кои се важни за нашите граѓани.

Ова денеска го рече првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој присуствуваше на настан на Универзитетската клиника за хематологија по повод пуштање во употреба на новоотворениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија.

Токму донацијата на американската влада, со цел да се отвори Центарот за трансплантација на матични клетки во Скопје, за Груби претставува разлика меѓу Америка и Русија, која граѓаните, како што рече, треба да ја увидат.

„Затоа нашите граѓани треба да ја видат разликата што ја имаме од партнерството со Евроатлантската заедницата, од САД и Европската Унија, а што добиваме од деструктивното влијание од Русија. Од круцијално значење е да направиме одлука каква држава ни е потребна. Дали ни е потребна европска Македонија или проруска Македонија?“,рече Груби на настанот.

Според него, апсолутен приоритет на новата влада по 8 мај треба да биде новиот Клинички центар.

„Новиот Клинички центар треба да го изградиме заедно, зашто тоа е еминентна потреба на сите наши граѓани“,изјави тој.

Овој центар е донација на Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.

Груби за руското влијание во земјава зборуваше пред два дена на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје.

Рече оти во земјава има сили кои јавно кажале дека се залагаат за европски фронт и други кои сè уште не се изјасниле за што се, односно дали за руски источен фронт или за европски.

„Европскиот фронт има само еден пат, а за тој се залагаме сите ние што сме во оваа сала. Од сите вас зависи, од сите нас заедно каде и каква ја сакаме нашата заедничка Македонија, да биде европска или руска“,рече тој.

Се осврна на нередите во Собранието од 27 април, велејќи дека тогаш имало припадник на руските служби кој заедно со колега од нашето соседство ги поттикнувале тие што протестираат да влезат во зградата на Парламентот и да ги линчуваат пратениците.

Потсети на изјави на портпаролката на руското МНР и на претседателот на Русија кој, како што рече Груби, ги знаел сите села во Македонија и ги споменуваше во негови интервјуа.

„Велеше дека огнената раскрсница за Русија во однос на проширувањето на НАТО е Македонија. Ова е изјава цитирана од страна на Лавров, а потоа Путин го спомнуваше и кумановско Грушино за да поттикнува меѓуетнички конфликти во Македонија, меѓу Македонците и Албанците, сè до случаите кои се случуваа трагични во нашите градови“,рече првиот вицепремиер.

 

Back to top button
Close