Груби оди во куќен притвор

Поранешниот вицепремиер Артан Груби вечерва оди во куќен притвор, откако помина само 3-4 часа во истражниот затвор ,,Скопје”.
Поблагата мерка му ја одреди судија на претходна постапка, а по барање на скопското обвинителство. Оттаму се предомислија и се откажаа од веќе одредениот притвор од 30 дена, со образложение дека Груби денеска се предал и е спремен да соработува. Од друга страна, Кривичниот суд не можеше да одреди построга мерка.
-Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука, информираа од Обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека во истражниот затвор не може да му се гарантира безбедноста на Груби.
-По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство, информираа од Обвинителството.
Инаку по бегство од една година и два месеци, Груби денеска се појави на граничниот премин, по што беше приведен.
Поранешниот прв вицепремиер од владата на СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба“ во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.
Груби како раководител на владината седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.






