Груби: Следната недела нов тендер за финансиски консултант за автопатите од коридорите 8 и 10-Д

Првиот вицепремиер Артан Груби денеска информира дека во текот на следната недела ќе биде објавен нов тендер за финансиски консултант кој во име на Владата ќе преговара за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10-Д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Изградбата, како што информираше Груби, би започнала напролет следната година.

Претходниот повик за избор на надзор и правен трансакциски советник за изградба на автопатите беше поништен откако избраниот понудувач не ја обезбеди во предвидениот рок банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.

Груби, кој денеска присуствуваше на одбележувањето на годишнината на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), одговарајќи на новинарско прашање истакна дека според планот консултантот за овие два, според него, клучни автопати, треба да биде избран до средината на октомври оваа година и дека повикот ќе биде објавен на најтранспарентен начин.

Постапката за избор на консултант беше започната на 28 декември минатата година, а заврши на 23 март. На тендерот тогаш, како што потсети Груби, аплицираа две компании, американската ХИЛ и ИГХ – Хрватска.

„Тендерот го доби хрватската компанија која што се утврди дека не може, нема можност да поднесе банкарска гаранција при што се пристапи кон поништување на целата постапка и нејзино повторување. Се надевам дека во текот на следната недела ќе го објавиме повикот којшто верувам дека ќе биде пократок во временски период и планот ни е некаде во средината на октомври веќе да го избереме новиот финансиски консултант којшто ќе преговара во името на Владата за изградба на овие два клучни автопати и на најтранспарентен начин ќе се објави повикот. Сите компании се добредојдени да учествуваат во процесот којшто ќе треба да биде воден од нив во име на Владата и на преговори за договорот за изградба, но и за надзор на изведбените работи“ рече Груби.

Тој додаде дека најдоцна до следната недела ЈПДП ќе го објави повикот за кој рокот е максимум 20 или 30 дена, бидејќи станува збор за повторена постапка.

„Изборот, исто така претпоставувам, би траел недела или две, по што би започнале преговорите со „Бехтел и Енка“, а веќе повеќето од надзорните компании го имаат драфт договорот на којшто би се засновале преговорите и верувам дека некаде околу средината на ноември ако се оди според предвиденото би се потпишал договорот и би започнале процесите на изградба. Знаете дека изградбата не започнува веднаш затоа што се започнува со мобилизација, доаѓаат илјадници работници. Според законот, минимум 51 отсто од компаниите и вработените коишто ќе работат на овој проект мора да бидат домашни, а сигурно ќе бидат уште повеќе, така што тоа е поголем проект и се надеваме дека изградбата ќе започне напролет“ истакна првиот вицепремиер.

За изградба на новите автопати Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, по што Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

На носењето на Законот реагираше Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од каде оценија дека со Законот се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи нема да биде спроведена тендерска постапка за избор на изведувач на проектот.

Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, Владата формираше тим за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите.

Back to top button
Close