Груби: Убеден сум дека сите партии ќе учествуваат на изборите, можност да се гласа во неколку дена

Артан Груби од ДУИ вечерва во Отворено студио на ТВ 24 вести рече дека неговата партија останува на одлуката изборите да се одржат во јули, изразувајќи уверување дека сите партии ќе учествуваат на изборите.

– Јас сум убеден дека било кој термин да го определиме за одржување на избори, сите партии ќе учествуваат, зошто не може да си го дозволат луксузот да не учествуваат на избори кои се признаени од сите институции и од меѓународната заедница и со мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР, рече Груби.

Тој додава дека можни се промени на Изборниот законик, со што би можело да се гласа неколку дена.

– Еден ден би гласале пензионерите, еден ден тие што се во изолација, а останатите во третиот ден е едно од можните решенија, донесени со уредба, оценува Груби.

Во врска со тоа дали опозицијата ќе учествува на изборите, Груби смета дека бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија, оти не сака да се меша во одлуките на другите партии и не го слушнал зборот бојкот од опозицијата.

– Бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија. За да има бојкот, треба да има силна причина. Не може да се натпреваруваме, не може ниту Мицкоски, Заев или Ахмети да се натпреварува кој повеќе се грижи за јавното здравје, рече Груби за 24 Вести.

Back to top button
Close