Груби: За уставни измени недостигаат уште шест пратеници, кои сум убеден дека ќе дојдат од опозицијата

Според Груби, овие шест пратеници потребни за уставните измени ќе се најдат од редовите на опозицијата која, како што рече, е составена од повеќе партии внатре во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а оти таму има проевропски пратеници кои ќе гласаат за промените

Првиот вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 синоќа изјави оти уставните измени ќе можат да се обезбедат со гласовите на уште шест пратеници од опозицијата кои недостигаат за двотретинско мнозинство.

Според Груби, овие шест пратеници потребни за уставните измени ќе се најдат од редовите на опозицијата која, како што рече, е составена од повеќе партии внатре во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а оти таму има проевропски пратеници кои ќе гласаат за промените.

„Сега имаме 74 пратеници, 64 владината коалиција, осум од Алијанса за Албанците и два од БЕСА. Уште шест ќе најдеме кај опозицијата. Контакти со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаме секој ден, дел од нив ќе гласаат, убеден сум“ децидно одговори Груби.

Тој рече оти не е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ сака референдум туку дека ова е само една нивна политичка кампања, како што рече, колку да бидат актуелни.

„Видете, иницијативата сè уште не беше стигната до Собранието, тие излегоа на прес-конференција повикувајќи го Џафери да не ја одбива, уште не стигната, замислете, свесни дека ќе се одбие, дека не е во согласност со Уставот. Така што, мислам дека и тие не сакаат референдум“ изјави Груби додавајќи оти комуницира со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а дека тој, пак, бара предвремени избори и негира секаква поврзаност со Русија.

Во гостувањето во „Клик плус“ Груби посочи оти многу од македонските пратеници наседнале на, како што ја нарече, агресивната кампања на опозицијата за наводна бугаризација или асимилација на Македонците со овој договор.

Тој се осврна и на активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и блокадата што ја најави Левица доколку не им биде прифатена иницијативата за референдум против Договорот со Бугарија, а ја посоветува албанската опозиција да се оттргне од политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

„ВМРО, Левица, Алијанса и Беса се координирани во парламентот. Видете, народот не ги гласал овие пратеници да ја бојкотираат работата на парламентот. Имаме важни закони за носење, еден од нив се и 100 милиони евра за струјата, а во оваа криза тие бојкотираат. Мојот совет до албанската опозиција е да се оттргнат од политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“ рече првиот вицепремиер, Артан Груби во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Вицепремиерот Груби говореше и за оставката на Горан Милевски од министерската позиција, додавајќи дека освен неговата оставка во овој момент немало разговори за некаква реконструкција во Владата.

Back to top button
Close