Груби загрижен: Русија сака да ја бутне владата на СДСМ и ДУИ

Руското влијание во Северна Македонија е евидентно и, следствено, и неговото влијание во дестабилизирачките сценарија во однос на парламентарното мнозинство – изјави првиот вицепремиер Артан Груби денешното интервју за агенцијата „Косова прес“.

Груби вели дека влијанието на Русија во државата е очигледно, што, според него, може да се види од фактот дека има македонски партии, и тоа и во републичкото Собрание, кои отворено ја поддржуваат руската агресија во Украина.

– Ние сме единствената земја во Западен Балкан која официјално има политичка партија што е огранок на партијата на (претседателот, Владимир) Путин во Русија и која функционира во Северна Македонија, а имаме и друга парламентарна партија, со двајца пратеници, која отворено ја поддржува руската агресија во Украина и е ставена во функција на руските агентури во Собранието на РСМ, не ја признава независноста на Косово, не го признава Охридскиот рамковен договор и во својата програма го има повлекувањето на признавањето на Косово и поништувањето на Охридскиот договор… и која за жал беше и во коалиција со албанските опозициски партии и со ВМРО-ДПМНЕ со цел уривање на проевропската влада во државата – вели Груби.

И покрај тоа, нагласи македонскиот вицепремиер, владејачката коалиција е стабилна, но потребна е, вели тој, соработка со проевропските партии во Собранието, со цел да се обезбеди спроведување на договорот со Република Бугарија, со оглед дека за тоа се потребни 80 гласа, додека мнозинството располага со 64.

– Упативме повик до сите проевропски сили кои учествуваа во Собранието на РСМ, особено за да се приклучат на напорите за промена на Уставот, со цел да го спроведеме билатералниот договор со Бугарија, променувајќи ја преамбулата и вклучувајќи ги бугарската, црногорската и хрватската заедница во Уставот, за што ни се потребни вкупно 80 пратенички гласови, изјави Груби.

Македонскиот вицепремиер во интервјуто за косовската новинска агенција се залага за поголема координација меѓу Приштина, Тирана и Скопје, посебно за прашања од надворешната политика, за, како што вели „одбрана на вредностите” на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Back to top button
Close