Груби заработи кривична додека се „чешла“ неговата имотна состојба: ДКСК анализира податоци од институции и банки!
Додека полицијата и обвинителството ја испитуваат улогата на поранешниот вицепремиер Артан Груби за малверзации преку „Државна лотарија“, што резултираше со кривична пријава против него и уште 7 лица за злоупотреба тешка над 8 милиони евра, Државната комисија за спречување на корупција ја проверува неговата имотна состојба, при што течат анализи на обезбедените податоци од институции и банки.
„Постапката по оформениот предмет во однос на проверката на имотната состојба на поранешниот вицепремиер Артан Груби е во тек. Прибавени се податоци од надлежни институции и банки во Република Северна Македонија и во тек е анализа на истите. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница која ќе биде објавена на ВЕБ страницата“, не известија од ДКСК.
Имено, овој предмет е отворен ланската 2023 година, откако беше опожарено возило марка „ауди“ што го управувал тогашниот прв вицепремиер, иако тоа било во сопственост на приватна компанија, чиј сопственик Груби го ословуваше како другар. Токму „Фокус“ го поврза Груби со запаленото „ауди“, доведувајќи го и во корелација со сторијата на која претходно работевме – изградба на автопатот кон Блаце и продажбата на хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка.
Поточно, во текот на 2022 година, „Фокус“ објави серијал текстови во чии рамки беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.
Инаку, Груби лани се бранеше дека повеќе од 3 години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер, добил службено возило, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал за да не губи на вредност. Оттогаш, кога и да му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“″. Во една прилика, тој посочи дека возилата од блиски и пријатели ги возел „со овластување, само за приватни цели“.
Зошто како сопственик е заведено физичко наместо правно лице, кој е формален, а кој реален сопственик на возилото, почна да испитува Јавното обвинителство. Како што соопштија тогаш од таму, јавен обвинител дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, а била издадена и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.
Кога последен пат проверувавме до каде е случајот со опожареното „ауди“ пред нецела година, од МВР ни одговорија дека преземаат мерки и активности по насоки на скопското обвинителство. Од обвинителството, пак, тогаш ни изјавија дека предметот е во фаза на предистражна постапка и, како што посочија, се прават проверки и се очекуваат резултати од наредени вештачења. Пред неколку дена, пак, повторно се обративме до МВР и ЈО, но се уште не добивме одговор дали овој случај има разрешница или барем некаков напредок.
Кога случајот се актуелизираше во јавноста, Антикорупциската комисија започна да врши проверка на имотната состојба на Груби и неговото семејство. Арно ама, од таму тогаш не информираа дека наидувале на отпор и опструкции од страна на Груби, кој на нивните барања да достави податоци барал да му бидат испратени двојазични формулари, а кога антикорупционерите тоа го сториле тој не дал одговор. Сега, повторно се обративме до ДКСК, при што ни посочија дека во тек е анализа на добиените податоци.
Во меѓувреме, Груби беше еден од осуммината кои заработија кривична пријава поради основано сомнение дека е сторен криминал при работење во „Лотарија“, додека прв човек на акционерското друштво во државна сопственост беше неговиот близок соработник Перпарим Бајрами. Покрај нив, осомничени се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, поранешен владин генсек и повеќе државни службеници вклучени во процесот на набавка на апарати за коцкање.
–Кривична пријава против 8 физички лица од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар, останатите се да речеме еве државни службеници коишто работат во рамки на едно од правните лица – изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, додавајќи дека при претресите кај еден од осомничените се пронајдени 40 илјади евра, кај друг 20 илјади евра.
Истовремено, Јавното обвинителство соопшти дека Јавен обвинител од ОЈО-Скопје донел Наредба за спроведување истражна постапка против 2 лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „Проневера“, а за уште 4 лица е поведена постапка за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Тоа значи дека за двајца од осуммината осомничени засега нема доволно докази за отворање на истражна постапка.
-Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД „Државна лотарија“, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – генерален директор на „Државна лотарија“, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија.
Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови“, наведува ЈО.
Сепак, осомничениот Груби, кој неодамна се најде и на „црната листа“ на САД поради вмешаност во „значителна корупција“, е недостапен за органите за прогон (иста е ситуацијата и со Бајрами), откако вчера ја напуштил државата, без оглед што не смеело да биде пропуштен на граничен премин, бидејќи се наоѓал на т.н. „стоп листа“. Преку својот фејсбук-профил, тој напиша дека не е во бегство, туку во приватна посета и оти ќе се врати.