Груев: Има епидемија на заразна болест штенечак кај кучињата, сопствениците да внимаваат на своите миленици

Додека трае епидемијата, сопствениците на кучиња треба да ги намалат прошетките колку што е можно повеќе по парковите и по местата каде што циркулираат повеќе улични кучиња. Сепак, најважно сите сопственици да проверат дали нивниот миленик е со активна вакцина против штенечак, апелира докторот по ветеринарна медицина Виктор Груев, во интервју за Мета.мк

Заразната болест штенечак сè повеќе се шири меѓу кучињата во Скопје и во многу други градови низ земјава. Граѓаните на социјалните мрежи со загриженост споделуваат фоотографии, најчесто од бездомни кучиња, со нервни симптоми, како се мачат со фаталната заразна болест, бидејќи дел од нив не знаат точно за што станува збор, ниту пак знаат како да помогнат во вакви случаи. Пред два месеца и стационарот „Лајка“ беше затворен 30 дена поради епидемијата со штенечак. Болеста не е заразна за луѓето, но може да биде погубна и за домашните миленици, особено оние кои не се вакцинирани редовно.

На оваа тема разговаравме со Виктор Груев, доктор по ветеринарна медицина, кој меѓу другото објаснува и како сопствениците на миленици можат да ги заштитат своите кучиња од смртоносниот вирус.

Што претставува болеста штенечак и какви симптоми јавува кај кучињата?

Груев: Болеста штенечак (Distemper) претставува висококонтагиозна или заразна вирусна болест, која кај нас ги напаѓа кучињата како приемчиви организми за истата.
Под високозаразна болест подразбираме дека болеста многу брзо и лесно се шири помеѓу единките, особено кај оние единки кои се невакцинирани воопшто, делумно вакцинирани или кај постари и изнемоштени единки со ослабнат имунолошки систем.
Неговата инкубација или периодот од кога животното ќе се зарази па до појавата на првите клинички знаци на болеста може да биде од три до 20 дена, во зависност од надворешната температура и временската сезона, затоа што ладните температури му одговараат на вирусот за преживување и размножување, додека екстремно високите го уништуваат и тој не може да преживее на површините или во средината.

Штенечакот е вирус кој е познат во ветеринарната медицина предизвикан од едноверижна РНК вирус од фамилијата Paramyxoviridae, кој е пак близок со вирусите кои ги предизвикуваат малите сипаници кај луѓето.

Штенечакот претставува мултисистемско заболување, односно зафаќа повеќе органски системи, респираторен тракт,гастроинтестинален и централен нервен систем, неизлечив, кој најчесто завршува фатално или со нервни последици познати како тикови.

Во зависност од кој органски систем е зафатен, такви ќе бидат и клиничките знаци на животното. Имаме случаи кои се со респираторен проблем како што е кашлица, пропратена со исцедок од ноздрвите и стварање на горилки на очите, која преминува во пневмонија. Животното станува летаргично или изнемоштено, губи апетит, повраќа, се тресе, има дијареја и дехидрира. Во терминалниот стадиум од болеста веќе е зафатен и централниот нервен систем кој најчесто се манифестира со тикови или дезориентирано движење на животното низ средината.

Дали во моментов имаме епидемијата на штенечак и на што се должи тоа? Сте имале ли во својата пракса толкав број кучиња заразени од штенечак?

Груев: Во изминатиов период, особено во последниве 7-8 месеци, сведоци сме на зголемен број позитивни кучиња заразени со штенечак. Да, имаме епидемија на територијата на целата наша држава, со оглед на тоа што нема град каде немаме позитивни случаи, особено онаму каде што има поголем број кучиња по улиците и поголема фреквенција на истите.

Во однос на прашањето на што се должи тоа, моја претпоставка е дека со оглед на тоа што штенечакот не го зафати првично Скопје, туку други градови, и тоа траеше сигурно 3 – 4 месеци, каде вирусот се размножуваше и се пренесуваше од куче на куче, дека во другите градови не се врши вакцинација на уличните кучиња, а нив ги има во енормен број. Истите тие кучиња заловени во тие прифатилишта подлегнуваат нели на хуман третман кој подразбира „залови – вакцинирај – стерилизирај – врати на локација“, и од самото ова се ослабнува имунитетот, тие се доведуваат во стресна ситуација, а не се заштитени со вакцина. Така болеста си го направи своето, се ширеше и зафати голем број кучиња и во главниот град. Тука пак, ЈП Лајка, која што е одговорна за уличните кучиња, според програмата, треба да ги вакцинира кучињата. Оттаму, се поставува прашањето зошто имаме позитивни случаи, кои се нели вакцинирани? Ова е дискутабилно, затоа што по нивниот прв случај кој се појавил таму (а се спретпоставува дека станува збор за куче заловено од улица со непознат вакцинален статус, а не за куче кое веќе го поминало третманот), требаше да следува целосно затворање на прифатилиштето. Ова беше направено, но морам да кажам дека беше задоцнето.

Како најчесто се заразуваат кучињата и дали болеста се пренесува на луѓе?

Груев: Кучињата најчесто се заразуваат преку близок контакт со заболено куче, аерогено, преку кашлање или кивање. Секако, вирусот е присутен и доколку кучето повраќа или пак има дијареја или пак секрет од ноздрвите и дојде во контакт со друго куче. За среќа, болеста не се пренесува на луѓе, ниту пак на мачки.

Сопствениците на домашни миленици периодов треба да избегнуваат групирање на повеќе кучиња со непознат вакцинален статус, вели Груев / Фото: Мета.мк

Дали можат да се заразат и домашните миленици – вакцинираните и невакцинираните?

Груев: Да, секако дека можат. И уличните и домашните кучиња се приемчиви на болеста. Во однос на домашните миленици, тие се веќе со познат вакцинален статус, со тоа што се повеќе заштитени од уличните кучиња. Во однос на вакцинацијата, граѓаните кои се сопственици на домашни миленици, треба доследно да ја применуваат. Имено, вакцинацијата кај кучето треба да се спроведе на навршени четири недели старост, а потоа следуваат две ревакцинации во растојание од по 21 ден, за таа да биде комплетна, а кучето заштитено. Секоја година треба да се врши ревакцинација на кучето, за да тоа го одржи имунитетот против оваа, но и против други заразни болести.

Имаме многу случаи на штенечак по улиците, а активистите се оставени сами на себе, бидејќи никој не прима куче со штенечак, ниту во ветеринарна амбуланта, ниту пак во пансион за миленици. Што треба да направат граѓаните доколку во населбата забележат куче со јасни симптоми на штенечак?

Груев: Прво нешто што треба да направат е да контактираат ветеринар кој ќе им даде понатамошни насоки што и како да се направи. Во однос на лечењето на оваа болест, тоа е таканаречена симптоматска терапија, кога ние ветеринарите се обидуваме да ја вратиме нарушената хомеостаза во нормала, со рехидрирачки раствори, антибиотици, антиеметици, витамини и минерали за поткрепа и секако други медикаменти доколку е тоа потребно.

На што треба да внимаваат сопствениците на домашни миленици?

Груев: Сопствениците на домашни миленици периодов треба да избегнуваат групирање на повеќе кучиња со непознат вакцинален статус и секако, сега, додека трае ова, да ги намалат прошетките колку што е можно повеќе по парковите и по местата каде што циркулираат повеќе улични кучиња.
Сепак, најважно сите сопственици да проверат дали нивниот миленик е со активна вакцина против штенечак.

Какви се очекувањата, кога можеме да очекуваме да се намали ширењето на вирусот?

Груев: Како што веќе нагласив, ладните температури му одговараат на овој вирус повеќе од топлите, така што се надеваме дека со затоплувањето, веќе од наредниов период треба самиот вирус да не е толку активен, а потоа треба да се вакцинираат што поголем број кучиња.

Back to top button
Close