Груевска : Горди со најстарото македонско научно друштво

 

Доцент д-р Невена Груевска е првата жена претседател на најстарото Македонско научно друштво-Битола, кое деновиве го одбележува 25 април 1960 година, денот кога група млади интелектуалци од Битола го формираа Друштвото.

Во интервју за МИА, доцент д-р Невена Груевска, професорка на Меѓународниот славјански универзитет во Битола и Свети Николе, вели дека генерацијата која сега раководи со МНД-Битола со почит ја негува традицијата и посветено придонесува за развој на науката и научноистражувачката дејност.

Кој беше предизвикот да прифатите да бидете прва жена претседател на МНД-Битола?

– Предизвик ми беа корените на Друштвото, деновите на основањето, кои ние членовите никогаш не ги забораваме, бидејќи меѓу иницијаторите во таа сега веќе далечна 1960 година имаше жени и мажи. Таа традиција се негува и ден-денес и горди сме со најстарото македонско научно друштво во земјава, формирано во Битола. Инаку, во мојот мандатен период 2020-2022 година сите програмски активности ги реализиравме со еднакво ангажирање и на понежниот и на посилниот пол во раководството, одделенијата на Друштвото и други структури и институции кои директно или индиректно се поврзани со МНД-Битола.

Дали и колку можеше да се биде креативен и инспиративен во услови на пандемија?

– Науката и научните работници исправени се спротивставија на пандемијата. Ваквиот впечаток се темели и на сознанијата кои ги обезбедивме од стручно-научниот собир што го организиравме, а беше на тема „Влијанието на пандемијата врз науката – искуства и примери на професионални предизвици во општеството“. Истакнати научни работници од градот и државата потврдија дека креативноста и инспиративноста не заостанаа, а новите сознанија ќе може да се користат соодветно и ефикасно бидејќи се публикувани во нашето долгогодишно и препознатливо списание „Прилози“. Но, мора да истакнам дека пандемијата не ја намали реализацијата на нашите програми, како на локално така и на национално ниво. Ќе потсетам дека на оригинален и креативен начин ја одбележавме 100-годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески, за што организиравме повеќе настани. На повеќе од 850 наставници и јавни личности им го подаривме речникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски”, џебно издание од авторот Здравко Божиновски, одржавме академски час посветен на Конески во неговото родно Небрегово, организиравме тркалезна маса на тема „Делото на Конески – постојан избор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата“, а во соработка со Педагошкиот факултет-Битола промовиравме и видеоматеријал, документарен филм „Бесмртноста на Блаже Конески” од дипломец на Педагошкиот факултет-Битола, Искра Талевска, под менторство на проф. д-р Силвана Нешковска.

Како ја организиравте работата на одделенијата во МНД-Битола?

– Во МНД-Битола има осум одделенија, кои дејствуваат на широка платформа со можност за соработки што го зголемуваат опфатот на Друштвото. Со Правниот факултет во Битола приредивме одлична научно-стручна дебата на тема Родова еднаквост и заштита на жените од насилство: Приоритет или предизвик?, кој предизвика голем интерес во јавноста, со Одделението за општествени науки организиравме настан насловен како „Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност”, потоа Одделението за лингвистика и литература во соработка со Педагошкиот факултет од Битола реализира работилница на тема Теоријата на Блаже Конески за замената на глаголицата со кирилица – предавање, и Пишување со глаголско писмо – интерактивни вежби, потоа Одделението за технички науки приреди јавна трибина на тема „Енергетската ефикасност како предизвик за поквалитетен и одржлив развој на средината”, Одделението за применети науки и медицина одржа форум на тема „Човечките ресурси – столб на здравствениот систем во време на пандемија”, од областа на здравството, како и од областа на психологијата – „Зачувување и унапредување на менталното здравје во време на пандемија со Ковид-19″, а со задоволство ќе истакнам дека бевме успешни коорганизатори на Пелагонските научни средби.

Со каков интензитет ја реализирате издавачката дејност во Друштвото?

– Во услови на пандемија можеби затаи делот на издавачка дејност поврзан со авторските публикации, но делот кој го негуваме со години продолжи со несмален интензитет. Со задоволство ќе потсетам дека стручно-научното списание „Прилози“ содржи 17 вредни трудови од областа на општествените науки, применети науки и медицина, природно-математички науки, политичко-правни науки и други сфери чија инспирација беше актуелната пандемија. Нашето списание за култура, литература и уметност „Современи дијалози“ одамна ги надмина националните граници, а последниот број надмина над 304 страници на кои застапени се творци од 27 држави во светот, меѓу нив и истакнатите Сала Абулави од Јордан, Јасер Ал-Атраш и Нур Насрах од Сирија, Џорџ Валас од САД, Иво-Мијо Андриќ од Хрватска и др. Кога е во прашање списанието „Современи дијалози“, мора да ја истакнам големата поддршка што ја добиваме од Министерството за култура, кое овој наш проект го сврсти во програмата за поддршка на проекти од национален интерес. Нашата библиотека ја збогатуваме со дела од издавачката дејност на МАНУ, како и другите академии од регионот со кои соработуваме.

Македонско научно друштво-Битола годишнината од основањето ја одбележува работно, со остварување на програмските цели и, како што рече во интервјуто за МИА претседателката, доцент д-р Невена Груевска, во секое време и денес МНД-Битола тежнее да биде свест и совест на општествениот развој во градот и регионот.

Back to top button
Close