Груевски ја продолжи фејсбук битката со Заев: Се согласи на се за 300 милиони во криптовалути

Поранешниот премиер Никола Груевски вечерва објави нов статус на „Фејсбук“, во кој повторно го нападна Зоран Заев, обвинувајќи го за дволичност, корупција, политички договори и стекнување богатство преку злоупотреби.
Груевски повторува дека Заев истовремено политички се претставува како противник на Кремљ, додека во заднина купува железо од Русија.
„На темата дека купува железо од Русија додека политички е жесток противник на Русија не се осврна, бидејќи купува и тоа многу. Кажа само дека кога би бил жеден, сметал дека Русија не би му дала капка вода. Но јас не ја лоцирав неговата дволичност во правец дека Русија нешто му дала или би му дала. Туку дека тој дава. Дава пари за да го купи железото и да го препродаде. Русите кои му продаваат, притиснати од санкциите, не знам дали и воопшто знаат кој стои зад фирмата купувач, со скриен сопственик“, напиша Груевски.
Тој повторно го спомнува тврдењето за „300 милиони евра во криптовалути“, за кои претходно напиша дека биле поврзани со Преспанскиот договор.
„Прифати се што побараа и што претходно не им беше паднало на памет да побараат. Кој потоа не може да стане успешен бизнисмен во Дубаи? Зар јас не можев да прифатам или побарам такво нешто за трговија со националните интереси? Зарем Глигоров не можеше да ја прифати понудата за саатот, куферот пари и анфората?“, пишува Груевски.
Тој зборува и за низа други обвинувања: рекет, нелегално стекнати средства, работа со марихуана, злоупотреби со тендери, вклучително и случаи во РЕК Битола.
„Тој направи зделка, знаеме со кого. Со еден вид државен удар да биде инсталиран за премиер, да му биде ветена неказнивост нему лично, што во превод значи гаранции дека за предавствата, кражбите и злоупотребите кои ќе ги направи за време на мандатот да не биде казнет. Бараше дури и да го наградат со Нобелова награда за мир, но во меѓувреме направи толку рекети и злоупотреби што тоа стана многу ризично за кој и да е.
Кога како млад човек тој копал на нивата во близина на родното село Муртино, сонувал да биде бизнисмен и инвеститор во Дубаи. И стана. Се согласи да си ја продаде нацијата, името, идентитетот и историјата на цел еден народ, на соседите. За 300 милиони исплатени во криптовалути и за неказнивост за се што ќе разграби од фирмите и народот додека е премиер“, напиша Груевски.
Оваа објава е продолжение на размената на јавни пораки и обвинувања меѓу двајцата поранешни премиери.






