Груевски му честита на ВМРО-ДПМНЕ: Со среќа и со ум

Поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во објава на Фејсбук ја честита двојната изборна победа на партијата на вчерашните претседателски и парламентарни избори.

Освен голема поддршка од граѓаните, вели Груевски, ВМРО-ДПМНЕ доби голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои, како што оцени, не смее да се изневерат.

„Судбината сакаше на денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да го поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните, така и на претседателските избори“,напиша Груевски во објавата на Фејсбук и додаде:

„Со среќа! И со ум!“

Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека иако со големо задоцнување, народот вчера жестоко ги казнил и поразил политиките на СДСМ поставени од Зоран Заев, а следени од, како што вели, неговите слепи послушници.

„Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери. Политики кои Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно седум години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана“,додава екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ во фејсбук-објавата.

ВМРО-ДПМНЕ обезбеди убедлива победа на претседателските и на парламентарните избори кои се одржаа вчера во С Македонија. Гордана Силјановска-Давкова на вториот круг од претседателските избори освои 560 173 гласа, односно над 300 илјади гласови повеќе од кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, кој доби 251 541 глас.

По пребројани 99,82 отсто од избирачите, Гордана Силјановска-Давкова има 560 170 гласа, а Стево Пендаровски 251 541

На парламентарните избори, пак, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 431 251 глас и обезбеди сигурни 58 мандати во идниот парламентарен состав.

Back to top button
Close