Груевски, од новогодишен амбиент во Будимпешта, им реплицираше на Филипче и Заев
Поранешниот премиер и бегалец Никола Груевски, пренесувајќи ја новогодишната атмосфера од Будимпешта, им посвети ново ,,писание” на лидерот на СДСМ, Венко Филипче и на екс премиерот Зоран Заев.
Ги обвини дека едно зборувале дома, а друго правеле надвор, повторувајќи се дека и двајцата се воделе исклучиво од финансиски интерес.
“Прилично етички, морално и чесно”, од овие два лика кои уште се силат, се закануваат, напаѓаат, навредуваат, лажат, и глуметарат до бесвест, убедени дека никој ништо не им може.
А да сака ОЈО да го истражи ова, многу лесно може да започне и со успех да заврши истрага.
Затоа што, сето ова не е само лажење на народот, на што сме оддамна навикнати од вакви ликови, туку и манипулирање со поголеми суми на пари, чие потекло тешко ќе се докаже, пишува Груевски во дел од своето писание.
Напиша и дека сопартијците ништо не демантирале, туку раскажале измислици за него.
-По три недели лепење етикети за некакви измислени милиони, милијарди, трилиони.., за некакво мое всушност непостоечко раководење со раководството во врвот на власта, овие измамници денес се скрија зад партиско соопштение полно со навреди и лични омаловажувања, лаги и клевети против мене, сите одамна слушнати од нив во јавноста. А ниту збор, ниту демант за глупостите кои ги правеле и ги прават, за алчноста со која влегле во политиката, за дволичниста и кон народот и кон оние кои ги донеле на власт, за своите валкани чекори во минатото и денес, напиша Груевски.






