Груевски: Со тапани и свирчиња не се прави тероризам

Со тапани и свирчиња не се прави ни тероризам, ни нарушување на уставниот поредок, напиша на Фејсбук од Будимпешта поранешниот премиер, Никола Груевски по денешната пресуда за организаторите на „крвавиот четврток“.

-Ниту со какво сакате толкување на Деловник за работа на Парламентот или препратени пораки од еден на друг политичар, за тоа кој што чул од некого, без никаква сигурност дали е тоа точно. Такви пораки тогаш, а сигурно и денес (и во иднина), си препраќаат не само политичарите од една партија, туку и сите други луѓе секаде во светот, во склоп на нивното работење и професионален фокус. Тргнувајки уште од првата реченица обвинението е не само фалично, туку и лажно. Таму се тврди дека јас сум ги организирал и телефонски сум издал инструкции на обвинетите да организираат насилен влез во парламентот и тепање на пратеници. Во ред, но каде се доказите за тоа? Да речеме дека не е важно што јас велам, дали го негирам тоа или не. Да речеме дека мене не треба да ми се верува, ниту на обвинетите. Затоа прашувам: каде се доказите за тоа? Тоа што член на моето обезбедување имал телефонски разговор со неговиот брат додека јас сум давал интервју за медиуми во Австрија? Добро. Каде е доказот дека во тој разговор се пренела моја инструкција или дека јас сум издал наредба по телефон? Ве молам, не претпоставка. Во судството барем се суди со докази, а не со претпоставки. Бидејќи доказ не постои, и не може да постои бидејќи тоа е невистина, судот прифати претпоставка. Ако грешам, нека ме исправат и нека го покажат доказот, а не претпоставката дека во тој момент сум издал некаква наредба директно или преку член на моето обезбедување, напиша Груевски.

Тој прашува во која нормална земја во светот судот суди на база на претпоставка?

-За трулоста на системот говори уште еден ситен, но не безначаен детал. Од почеток кога се читаше обвинението во судницата, па до читањето на пресудата се протнува една реченица со еден збор кој никогаш не сум кажал никаде и никогаш, а тоа е дека граѓаните не требало да седат дома во ‘папучи‘. И никој ниту проверува дали сум го кажал тоа, ниту презентира доказ дека сум го кажал. Само преземаат еден од друг и истиот станува и дел од пресудата со која се одредуваат затворски казни. Дали треба да верувам дека сите во ланецот направиле превид и некој им подметнал без да проверат и тоа во ситуација кога веќе го објавив тоа? Она што го имам изјавено и тоа е недели пред настанот на 27 април, е дека само народот може да си ја спаси државата, но во контекст на тогашното наше барање за нови предвремени парламентарни избори, веднаш одкако победничките партии на изборите во 2016 година не постигнаа договор, а поразената СДСМ излезе со нови позиции поврзани со тиранската платформа кои не ги објави пред изборите и за дел од чекорите гласачите не беа свесни кога гласаа за нив. Но, поентата е друга: не се важни фактите, туку целта ги оправдува лажните обвинувања. Целта ги оправдува средствата. Се презентираа телефонски пораки дека наводно обвинетите охрабрувале членови на партијата да излезат на протести и дека наводно сакале да се најдат повеќе свирчиња и тапани: ‘Ми требаат сите тапани на свет‘, беше прочитано денес од судот како поткрепа на ‘вината‘ на обвинетите. Во ред, но дури и да било така, дури и да подржувале мирни протести на чии учесници сакале да им ги донесат ‘сите тапани на свет‘, се прашувам дали е тоа противуставно и противзаконски? Дали во Македонија е кршење на закон ако се подржуваат мирни протести цели 60 дена? Дали има пораки или било какви докази од типот: ‘влезете во парламентот и скршете ги вратите‘, ‘претепајте ги пратениците на СДСМ‘ или ‘убијте‘ некого. Нема ни такви, ни слични, пишува Груевски.

Back to top button
Close