Груевски заработува од консултантски бизнис во Унгарија, објави унгарски портал

Осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски, кој од 2018 година живее во Унгарија, продолжува да остварува приходи преку приватна консултантска фирма основана пред неколку години, објави унгарскиот портал „444“.
Според објавените податоци, Груевски во 2021 година ја основал компанијата „I.C.I.C Kft“, регистрирана за консултантски активности. Станува збор за мала фирма без вработени, која континуирано работи и бележи приходи од своето основање.
Финансиските извештаи покажуваат дека компанијата во текот на минатата година остварила приход од околу 9.600 евра, додека една година претходно приходите изнесувале околу 11.600 евра. Поради ниските трошоци карактеристични за консултантската дејност, значителен дел од средствата останале како добивка.
Според податоците, фирмата во 2025 година прикажала профит од околу 5.650 евра. Од основањето до денес, Груевски преку дивиденди повлекол вкупно околу 45.800 евра, додека последната добивка ја оставил во компанијата.
Порталот наведува дека редовните приходи упатуваат на можноста компанијата да има постојан клиент или ограничен круг деловни партнери, но не се открива со кого поранешниот премиер соработува деловно.
Во текстот се посочува дека Груевски имал блиски односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и со Петер Сијарто. Според наводите, Сијарто во повеќе наврати се консултирал со Груевски за прашања поврзани со Западен Балкан.
Во меѓувреме, Министерството за правда соопшти дека сите правни постапки поврзани со Груевски продолжуваат без промени, независно од информациите што се појавија во јавноста за неговиот статус во Унгарија.
Од Министерството наведуваат дека Груевски и натаму е македонски државјанин и лице за кое постојат правосилни судски одлуки и тековни постапки во земјата. Поради тоа, институциите остануваат посветени на користење на сите расположливи механизми предвидени со домашното и меѓународното право.
Реакцијата следуваше по медиумските објави дека Груевски наводно стекнал и унгарско државјанство, информација што повторно ја отвори дебатата за можноста за негова екстрадиција.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата засега нема официјална потврда за наводите дека поранешниот премиер поседува унгарско државјанство, објави Скопје1.мк





