Група адвокати предлага законска амнестија на осудените за 27 април 2017-та година


Адвокатската канцеларија Јанаки Митровски и адвокатската канцеларија Пешевски и Тимовски утре до сите пратенички групи и пратеници во Собранието ќе поднесат предлог-закон за амнестија на осудените за настаните од 27 април 2017-та година, со предлог сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казна, а за осудените на над десет години казната да се преполови. Тоа, на својот фејсбук профил го објави адвокатот Митровски.

– Како адвокат, кој практикува кривично право, не наоѓам никакво оправдување за стореното. Но истовремено сметам дека не постои поголема неправда од селективна правда. А цела Македонија е сведок дека со Законот за амнестија од 2018-та година, селективно беа амнестирани дел од осудените поради политичко лукративни причини па така Крсто е милионер, Рамчиловиќ амбасадор, Бетка демек ја судат итн., додека обичните смртници, пуштени низ вода, веќе шестта година скапуваат на робија – објасни Митровски.

Тој објаснува дека најголемиот дел од осудените имаат одлежано половина од изречените казни и се пет и пол години во затвор, поради што „во насока на исправање на неправдата нанесена со селективната амнестија“ од сите пратеници очекува да иницираат негово ставање на дневен ред.

– Се разбира законското решение може и да се доработи од страна на заинтересираните пратеници, за што посочените адвокатски канцеларии стојат на располагање – додава Митровски.

Back to top button
Close