ГТЦ лани работел со бруто загуба од 600.000 евра, потрошил 2 милиони евра за плати
Собранието на акционери на Градски трговски центар го усвои извештајот од работењето за 2024 година во која беше прокнижена уште една загуба на симболот на главниот град.
Во извештајот стои дека вкупните приходи за 2024 година изнесуваат 261.860.166,50 денари, а трошоците 286.235.930,00 денари. Загубата изнесува 24,38 милиони денари или околу 600.000 евра.
„Отежнатата наплата на побарувањата, ја загрозува ликвидноста на Друштвото. Поради ова, принудени сме со остатокот од средствата да преземеме само основни активности за одржување и вложување реконструкции на застарените инсталации, опрема и мали градежни работи за реновирање на објектот.
Поради неатрактивните локации на нашите не издадени деловни објекти, и покрај повеќекратното огласување нема заинтересираност за закуп“, се вели во извештајот.
Од прикажаните податоци за остварени приходи во Билансот на успех за 2024 година се гледа дека приходите по основ, закуп на деловен простор, магацини и тераси бележат зголемување за 4%.
Приходот од наем на простор за реклами е намален во однос на претходната година, приходот од комуналии и тековно одржување е зголемен за 3%, а приходот од паркиралиште е зголемен за 5%. Приходите од наплатени отпишани побарувања бележат минимално зголемување.
Финансиските приходи оваа година се намалени за 1%. услуги. Во однос на вкупните приходи, најголемо учество од 74% бележи позицијата, приходи од Приходот од услуги изнесува 190.901.104,50 денари и истиот се однесува на дадените услуги на корисниците на деловен простор по основ на потрошена електрична енергија, топлотна енергија, климатизација, потрошена вода, ѓубретарина и тековно одржување на откупениот деловен простор.
Приходите од закупнина за деловен простор, магацини и тераси, изнесуваат 23,592,145,00 денари и во однос на вкупните приходи учествуваат со скоро 9%.
„Приходот реализиран од издавање под закуп на деловен простор, како основна дејност на ГТЦ А.Д. Скопје, сметаме дека треба да завземе поголемо учество во вкупниот приход, меѓутоа факт е дека со продажбата на дел од деловниот простор и тоа најатрактивниот, се намали основниот извор за остварување на приходи. Во текот на 2024 година објавени се повеќе лицитации за издавање на деловен простор, па се надеваме дека наредната година, приходот по овој основ не биде во граници на планираното“, се вели во извештајот.
Приходите од паркиралиште изнесуваат 33,321,510,00 денари. Приходите од закуп на простор за реклами изнесува 3,811,256,00 денари. Приходите од камати се намалени во однос на претходната 2023 год. и во однос на вкупните приходи учествуваат со 2%. И покрај тоа што поголем дел од тужбите се префрлија за извршување кај извршителите, наплатата на многу утужени побарување е неизвесна, поради староста на тужбите кој потекнуваат добар дел и од 1997 година.
Некогашниот симбол на скопското модерно живеење минатата година наплатил 257 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра. Сепак и тоа не било доволно да се оствари добивка.
Најголем дел од трошоците се за плати за 206 вработени. Исплатата на работниците е 2 милиони евра на годишно ниво и бележи раст од 18 отсто.
Угостителско-туристичкиот менаџер Никола Соколовски од ноември минатата година е назначен за нов извршен директор на акционерското друштво. Истовремено променет е комплетно целиот Управен одбор на шопинг центарот, а сега има седум наместо претходните шест членови. Покрај Соколовски, членуваат уште и Ферик Белули, Јован Лукаров, Катица Грче, Виолета Блажевска, Васе Ангеловски и Александар Тасев