Gulf Oil бара изедначување на акцизата на екстралесното со дизел горивото

За да се намали злоупотребата на екстралесното масло се потребни промени во акцизната регулатива за да се спречат штетните ефекти. Во моментот 90% од вкупниот увоз на екстралесно гориво завршува како погонско гориво, наместо гориво за греење, со што нашите граѓани добиваат неквалитетно гориво кое придонесува кон побрза амортизација на нивните возила, а меѓудругото е 100 пати поштетно од дизел горивото.

Со оваа злоупотреба, не само што се оштетуваат граѓаните и животната околина, туку се оштетува и државниот буџет за огромни суми, кои наместо да се користат за справување со Ковид-19 или да се инвестираат во унапредување на нашата земја, завршуваат во нечии џебови. Дополнително се оштетуваат и дистрибутерските компании кои наместо да го унапредуваат своето работење, се приморани да се справуваат со оваа ситуација на најразлични начини кои одземаат и време и ресурси за работа, а тука е секако и нелојалната конкуренција која се создава благодарение на фактичката состојба.

Изедначувањето на акцизата значи дека никој нема да има никаква корист ниту мотивација да продолжи да користи Екстралесно како погонско гориво, а оваа промена дополнително ќе ја зголеми стабилноста на пазарот и ќе го регулира текот на нафтата и нафтените деривати, но придобивките ќе ги почувствуваат останатите учесници на пазарот.

Апелираме до Владата на РСМ да преземе конкретни мерки и дејствија за да се регулира работењето и конечно да ја изедначат акцизата на екстралесното масло со акцизата на дизел горивото.

Back to top button
Close