Гусар од Рига

На радиото, кое речиси да не го слушам, вчера разбрав дека три дена (20,21 и 22) април, лето Господово две илјади дваесет и второ,  во нашата метропола ќе имало специјален режим на сообраќајот. Причина е посета на претседателот на Латвија, Еглис Левитс. Домаќин ќе биде нашиот претседател С. Пендаровски, кој со Латвискиот претседател, Левитс се ракувал во Минхен за време на 56. Конференција за безбедност. Со оглед на актуелната ситуација, темите се наметнати и очекувани како и соговорниците. Се разбира најмалку  простор останува за билатерални прашања. Вообичено ќе се  констатира дека односите се традиционално пријателски и дека како мали држави мораме да соработуваме (Д. Малески – турнеја по Балтикот 1993). Единаесет години после таа посета, Латвија во 2004 година за месец дена (29 03.05 и 01.05) стана членка на НАТО и ЕУ. Нашиот возен ред кон овие дестинации е познат како и причините за брзината на полжавот.

Латвија во времето на моите “московски години” (термин позајмен од В. Миќуновиќ) беше воглавно актуелна поради  “Гусарот од  Рига”, кого прв пат, а и последен го сретнав пред 42 години во Москва. Беше време на  јунските  “бели ноќи”. Нема спиење. Седев на маса  во тогашниот хотел “Русија” со  Михаил Таљ, светски првак во шах  Д. Бјелица, интернационален мајстор во шахмати. Знаев за прекарот на Латвискиот гение. Но, тој не беше единствено шаховски гусар. Пиевме “Столичнаја”. Како и доликува на еден гусар и тука беше недостижен. Во еден момент  охрабрен од расположениот Таљ, јас, како шаховски пацер, целосно свестен дека со неговиот одговор веднаш ќе ме матира, му раскажав дека имав другар во гимназија, пофторувач, со еден збор една ограничена особа за која кај нас често се користи една придевка – одомаѓен англицизам. Ама  тој залутан гимназијалец најдобро играше шах, односно го прашав дали таков човек може да игра добро шах. Миша со ледената чаша со вотка која ја држеше со двете раце шеретски се насмевна и рече дека може и дека една таква особа седи со нас насочувајќи го својот орелски поглед кон интернационалниот шаховски мајстор Бјелица кој единствено се насмевна, а Миша веднаш ја избалансира досетката со зборовите дека тоа важи и за останатите професии. Мислам дека во тој момент Миша со широка насмевка погледот го сврте кон поставувачот на ова очигледно ступидно прашање.

Повеќе пати во својата професионална кариера размислував за шегата  на самоуништениот гусар од Рига, во која има многу вистина. Поради тоа милувам да ги споредувам биографиите на истакнатите личности , кои најчесто без суштински мотиви, и во emergency ситуации ја посетуваат нашата држава, со биографиите на нашите соговорници. Најчесто секоја сериозна споредба е невозможна. И на наша штета. Да го земеме примерот со последниот наш гостин Латвискиот претседател Левитс кој пред да стане претседател (јули2019) беше вице-премиер за правда, амбасадор во Австрија, Унгарија и Швајцарија и судија во Европскиот суд за човекови права. Инаку совјетски дисидент кој од 1972 до 1990 емигрираше во тогашната Западна Германија. Единствено наше предимство е што имаме 8 години помлад претседател. Недоволно за споредување. Разликите се подрастични ако ги споредуваме биографиите на нашите премиери и министри за надворешни работи. Една од причините за ваквиот однос е и фактот што прв критериј кај нас беше и е партиската припадност. По осамостојувањето на Латвија раководните личности  беа доведени и од надвор без никакви суети. Единствен критериум беше меѓународната репутација и знаењето. Институциите беа кадровски пополенети од институтите и кадровите школовани на Запад. Се разбира таков избор на   кадрови засновани единствено на критериум професионалност, анулирајќи ги и  верските определби на кандидатите, на Латвија,  и донесе   успех. Ние се определивме, односно продолживме со калаузот наречен “партиски клуч” кој ги отвора сите врати, но го затвора видикот на иднината, се разбира на државата. Владарите се пак оптоварени единствено со сегашноста која треба подолго да потрае. Што подолго подобро за владателите.

Импресионира методот на нашите владетели за избор на најблиските соработници и тоа во клучните кабинети (претседател, премиер), посебно за советниците за надворешна политика кои во секоја држава се дипломати од највисок ранг, меѓународно познати и признати. Некомпетентноста на тие клучни луѓе владателите ги охрабрува наместо да ги загрижува поради нивните совети. Слепо ги следат без да извршат подетална консултација  и соработка. Поради тоа многу често имаме различни изјави за една иста тема. Најнов случај за изјавата на претседателот Пендаровски во Подгорица во разговорот со фараонот од Никшиќ, на кого од ловќенските височини му соопшти дека одвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ е природно, бидејки више не можат да чекаат да се реши  агонијата предизвикана со бугарските услови. Претседател на државата не дава такви изјави, посебно надвор од својата држава. Премиерот дава прво конфузен одговор, кој потоа го корегира, што стана веќе манир. Министерот   Османи го потврдува ставот на Пендаровски со забелешка дека изјавата на Рама се однесува на dead line јуни о.г. кога завршува претседавањето на ЕУ. Незапочнување на преговори во јуни наведе Османи може да го дестабилизира Регионот, наш стандарен  аргумент за сопствената немоќ да излеземе од живиот песок во преговорите со Софија, кои секако не треба да се прекинат, но треба да се рестартираат после настанот во Битола.

Посебна конфузија внесе МНР Османи со виртуелниот ткн. non paper кој за нас бил прифатливо решение доколку  го прифити бугарската страна. А всушност, откако бугарската страна изјави да никаков нов non paper не постои, МНР обелодани дека всушност тоа е отфлениот , од двете страни, Португалскиот предлог. МНР Османи, имаше прилика да претрчи и до Лисабон, кога беше во посета на Мадрид каде се залагаше за решавање и поддршка на една друга земја од Западниот Балкан, непримена во ОН.  Да ја зајакне својата позиција, Бугарската страна, не менувајќи го основниот став, но со нов метод, одговори со  посета на режисерски одбрано раководство збогатено со присуство на најтврдокорните  поранешни високи функционери на бугарската влада, а по повод на отворањето на бугарскиот културен клуб со провокативното име “Иван Михајлов” во конзулскиот град- Битола. Најнова наша дипломатска бламажа и на сите највисоки носители на меѓународната политика на нашата држава, министерствата, институциите и локалното раководство на Битола. Додека бугарската страна долгорочно ја планирала оваа акција со јасни цели повлекувајќи провокативни чекори , нашиве реагираат целосно затечени и неподготвени. Новата наша амбасадорка веројатно уште се бави со уредување на резиденцијата, а амбасадата е празна повеќе од две години. Изјавите на нашите први званичници  на бугарската хетерогена, ама смислено избрана делегација   потврдува  дека акцијата бил успешна, дека ја постигнале целта и независно од тоа како понатуму ќе се одвиваат работите. Претседателот дава мека изјава , премиерот конфузна, потоа корегирана под притисок на јавноста, а министерот Османи премногу внимателна спрема Софија и  Брисел. Софија не води сметка ниту за нашите официјални реакции ниту пак очекува Брисел во овој момент да се занимава со едно билатерално прашање.Таргет е сега Путин. Неговото (Османи) присуство во дел од  агендата на пирот на бугарската делегација које продолжи и со посета на Охрид, на некој начин на целата посета и  дава елементи за  официјализација,односно демантира дека станува збор за приватна посета на Петков и компанијата. Приватна посета ќе беше доколку премиерот Петков со своето семејство би присуствувал на некој културен настан во рамките на Охридското лето. Посетата на Битола немаше никаква врска со културата, па и политичката. Со самиот факт дека се сретна со дел од делегацијата, вклучувајќи го и премиерот Петков а и самата агенда на посетата. Открива топла вода со изјавата дека неприсуството на нашата делегација  не било поради клубот, туку било спорно името на клубот(небаре тогаш прв пат слушнале за името на клубот, кај нас уредно е регистриран), што го иритирало нашиов народ. А дали и нашето раководство?. Потоа МНР Османи изјавува дека е ставена дамка на односите и преговорите меѓу две земји. Не наведува ниту еден детал за нашата јавност да се подели одговорноста на двете страни. Ние реагиравме дипломатски крајно аматерски, во дипломатската превентива да не се случи провокацијата и пост фестум со гандиевските изјави, наместо јасни државнички дефинирани ставови, посебно кога и во Бугарија има мислења дека

студирање на Харвард не гарантира и реален успех во политиката. Впрочем и ние имаме Харвардски кадар, каков таков и тука сме барем  егал. Денес  кога во сообраќајниот хаос  поради посетата на Латвискиот претседател (никаде во светот во вакви прилики не се  воведува посебен режим на сообраќај), ќе се обидам да дојдам до кафулето  на утринското кафе, ќе размислувам за шегата на Гусарот од Рига и за  позицијата на нашиот претседател, кој сега силата на мускулите нема да ја одмерува со светскиот првак во боди билдинг со кого постигна нерешен резултат, и избегна  фрактура на еден горен екстремитет, туку со еден дипломатски волк од Рига, родното место и на мојот инспиратор за колумнава, велемајсторот, непоправливиот хедонист, шаховскиот гусар кој велемајсторите, меѓу кои и светските прваци, ги доведуваше во очај, жртвувајќи дури и кралици на крајот да го зароби противничкиот крал. Во политиката како и во шахот, кој треба да стане обрзувачки предмет уште во прво одделение, мора да се има стратегија да се добие партијата, односно реши проблемот. Ние не сме во состојба самостојно да решиме ниту еден надворешен проблем без помош од страна. Секако соодветната кадровска политика, посебно во МНР би можела во иднина да доведе до влечење на  долгорочни потези, како неби  запаѓале во цајтнот, кога знаменцето може да ни  падне, на запрепастување на еден од играчите. Квалитетни играчи посебно ни се потребни сега, поради новонастаната ситуација – војната во  Украина и последиците кои може да предизвикаат и евентуални турбуленции во нашиов регион. Едно е сосема извесно. Ништо повеќе  нема да биде исто. Па ниту приоритетите на големите сили. Нова “Јалта” нема да биде  на Крим. Тоа не менува ништо.Светот сепак се менува.А ние?

Влеговме во последната недела на Велигденскиот пост. Се надевам дипломатскиот пост ќе продолжи, а основа за таков песимизам има многу, вклучувајќи ги и најновите именувања на нашите амбасадори, посебно од аспект на нивното расподелување во дипломатските центри во светот. Дали можете да замислите каков дијалог може да води нашиот иден, уште непотврден кандидат за амбасадор (без речиси никакво реално дипломатско искуство) во Белград, со амбасадорот К. Хил, кој вчера ги предаде акредитивите.  Еден дипломатски волк, во нашиот случај ќе има соговорник велигденско јагненце. Не треба тоа да дозволиме. Што би рекол од Добоја Мујо ” и ми коња за трку имамо” .

Весели Велигденски празници.

Ѓорѓи Мисајловски

Back to top button
Close